Целта е да се спречи заборавање на децата на задното седиште

Последниве години, голем број на брендови воведоа технологија за мониторинг на патниците на задните седишта. Сега истата ќе стане многу пораспространета бидејќи Глобалното здружение на производители на автомобили се обврза оваа технологијата да ја направи практично стандардна за „сите патнички автомобили и лесни комерцијални возила“ до 2025 година.

Производителите на автомобили кои ја објавија намерата да воведат систем за мониторинг за присуство на патници на задното седиште се Alfa Romeo, Honda, Audi, BMW, Fiat Chrysler Automobiles, Ford, GM, Hyundai, Jaguar Land Rover, Kia, Maserati, Mazda, Mercedes, Mitsubishi, Nissan, Porsche, Subaru, Toyota, Volkswagen и Volvo. Ова е огромна коалиција, а секој производител има слобода да одлучи кога ќе го стори тоа, но не подоцна од 2025 година.

Секој систем ќе вклучува функција што му овозможува на возачот да знае дали некој останал зад неговиот грб. Ако системот открие дека некој е таму, ќе емитува звучни и визуелни сигнали за да го потсети возачот за потребата да го провери седиштето пред да го заклучи автомобилот. Според експертите, над 800 деца починале од топлотен удар од 1998 година па до денес, а многу од овие смртни случаи се резултат на заборавеноста на возачите да го проверат задното седиште.