Регулаторното антимонополско тело на Европската унија изрази загриженост во врска со спојувањето на PSA и FCA
Минатиот месец Регулаторното антимонополско тело на ЕУ се изјасни дека ќе се изјасни до средината на јуни околу спојувањето вредно 50 милијарди американски долари на двете најголеми европско-американски автомобилски групи, Fiat Chrysler Automobiles и PSA Group
Иако се сметаше дека станува збор само за формално давање мислење, сега се чини дека овој договор и нема така лесно да помине.
Според најновите наводи, регулаторите на антимонополската политика од Европската комисија се загрижени за комбинираниот висок пазарен удел на овие два производители, пред се во сегментот на мали комбиња, односно мини ванови.
Поточно, на Peugeot Rifter, Opel Combo и Citroen Berlingo, чии последни генерации се скоро идентични, во оваа класа сега би им се приклучиле и моделите Fiat Doblo, Chrysler Voyager, Chrysler Town & Country …, со што овој сегмент ќе биде покриен со над 80% од светскиот пазар од само еден производител.
Двете компании, кои сакаат да се спојат и да станат четвртиот најголем светски производител на автомобили, минатата недела се информирани за проблемите што ги гледаат членовите на Европската комисија во врска со спојувањето. Сега е на FCA и на PSA да ги отстранат дадените сомнежи од Европската комисија, а во исто време да понудат отстапки во врска со производството и учеството на пазарот, до крајот на оваа недела. Во спротивно, спогодбата за спојување би можела да биде предмет на четиримесечна детална истрага од телата на ЕУ, пренесува Autonews Europe.
Регулаторите на ЕУ досега одбиваа да коментираат по ова прашање, а ниту FCA и PSA немаат коментар во моментот, иако официјалната заедничка изјава од двата табора веројатно ќе пристигне наскоро. Раздвојување на делови од производството, што обично е регулаторно барање насочено кон обезбедување поголема конкуренција, може да биде тешко за двете компании заради техничките карактеристики и планирање на заеднички платформи за сите возила во даден сегмент, особено во светлина на неодамнешните случувања и пандемијата на коронавирус.
Компаниите во декември минатата година потпишаа договор за создавање на четвртиот најголем производител на автомобили во светот, ставајќи ги под еден кров брендови како Fiat, Jeep, Chrysler, Alfa Romeo, Abarth, Dodge, RAM и Maserati од една страна и Peugeot, Opel, Vauxhall, Citroen и DS од друга страна.