Некои од нив веќе беа претставени минатата година, додека други својата премиера ќе ја имаат оваа година.

Во 2021 година, во салоните ќе пристигнат голем број интересни новини на четири тркала, од нискобуџетни до најлуксузни модели.

Како никогаш порано, на пазарот ќе има голем број нови електрични автомобили како јасен знак дека автомобилската индустрија постепено преминува во електричен погон.

Alfa Romeo Tonale

Вториот теренец на Alfa беше најавен пред скоро две години со концепт кој дебитираше на саемот во Женева, а фановите на оваа италијанска марка со нетрпение ја очекуваат сериската верзија.

Премиерата е планирана за оваа пролет и останува да се види до кој степен ќе го задржи атрактивниот дизајн на концептната верзија.

Audi RS3 Sportback

Најмоќната спортска верзија на новиот Audi A3 исто така ќе дебитира во 2021. „Спортистот“ ќе биде придвижуван од 5-цилиндерски 2.5-литарски мотор со повеќе од 400 „коњи“, а моќноста ќе се пренесува на сите четири тркала. Најавена е и уште помоќна верзија, Audi RS3 Plus, со 450 КС.

BMW i4

Сериска верзија на истоимениот концепт од BMW ќе биде претставена во јуни. Припаѓа на најновата генерација на електрични автомобили од баварскиот производител, во која спаѓа и SUV iX, кој ја имаше својата премиера во 2020 година.

Како што е најавено, оваа електрична лимузина со моќност од 530 КС, со капацитет на батерија од 80 kWh, ќе има автономија на возење со едно полнење до 600 километри.

Citroen e-C4

Најновата генерација на моделот C4 својата светска премиера ја имаше минатото лето, но првите примероци до сопствениците ќе стигнат во 2021 година.

Фокусот е на електричната верзија со мотор од 136 КС. Автомобилот може да достигне 100 km/h за 9,7 секунди и може да помине до 300 километри со едно полнење.

Dacia Spring Electric

Dacia Spring е еден од ценовно најприфатливите електрични автомобили кој на европските клиенти ќе им стане достапен во 2021 година.

Опремен со релативно мала литиум-јонска батерија со капацитет од 26,8 kWh, која со струја напојува електромотор од 45 КС (33 kW), автомобилот може да помине до 225 км со едно полнење.

Романскиот производител најпрво ќе го лансира моделот Spring Electric како дел од неколку услуги за споделување автомобили во Европа (на почетокот на оваа година), а приватните купувачи ќе можат да го нарачаат овој автомобил од оваа есен. Цената ќе биде објавена подоцна.

Mercedes C-класа

По претставувањето на новата генерација на Ѕ-класата во 2020 година, Mercedes оваа година ќе ја лансира новата генерација на својот најважен модел – С-класата.

Премиерата се очекува во март, а дизајнот на автомобилот треба да потсетува на поголемата и пораскошна S-класа.

Се базира на механичката платформа MRA со погон на задните тркала (Modular Rear Architecture), а покрај бензинските и дизел моторите, ќе бидат достапни и варијанти со хибриден погон.

Nissan Qashqai

Третата генерација на еден од најпродаваните компактни кросовери во Европа исто така ќе има премиера оваа година.

Јапонскиот производител откри дека новиот модел е подолг за 35 mm, поширок за 32 mmи повисок за 25 mm од моделот во заминување, додека меѓуоскиното растојание е зголемено за 20 mm. Покрај тоа, капацитетот на багажникот е зголемен за 74 литри.

Новиот Qashqai ќе биде достапен во верзии со погон на предни тркала и погон на сите тркала. Дизел верзија повеќе нема да се нуди, но затоа има 1.3-литарски турбо-бензинец со „благ“ хибриден погон.

Renault Megane Conquest (Arkana)

Компактниот купе-кросовер, кој на Балканот ќе се продава под името Renault Megane Conquest, ја носи ознаката Arkana во остатокот од Европа.

Имено, веднаш по лансирањето, Arkana предизвика реакции во соседството,  па  францускиот производител реши да употреби „понеутрално“ име за нашиот регион, што е поврзано со веќе докажаниот и популарен модел Megane.

Megane Conquest го придвижува E-Tech Hybrid со вкупна моќност од 140 КС. Покрај тоа, ќе бидат достапни два таканаречени „благи“ хибриди со систем од 12 волти (TCe 140 и TCe 160). Кога станува збор за класичниот хибрид E-Tech, тој се состои од 4-цилиндeрски 1.6-литарски бензинец и два електромотори.

Двата „благи“ хибриди под хаубата имаат 1.3-литарски турбо-бензинец со 4 цилиндри. Послабата верзија произведува 140 коњски сили, а помоќната 160 КС.

Renault Megane Conquest на нашиот пазар ќе пристигне во првата половина на 2021 година, кога ќе се знае и цената за овој модел.

Toyota Yaris Cross

Наместо да измисли друго име, јапонскиот производител го искористи добро познато име од своето портфолио за новиот мал кросовер – Yaris, на кој само е додадено Cross.

Автомобилот припаѓа на сè попопуларниот европски сегмент на субкомпактни кросовери, а бидејќи ја дели механичката платформа со новиот Yaris, Cross го задржал и истото меѓуоскино растојание од 2.560 mm.

Сепак вкупната должина се зголемила за 240 mm или 4.180 mm.

Yaris Cross има хибриден погон кој се состои од електромотор и 3-цилиндерски 1.5-литарски бензинец. Вкупната комбинирана моќност е 116 КС, а една од компаративните предности на овој автомобил е погонот на сите тркала, што е реткост во сегментот на суб-компактни кросовери во Европа.

Yaris Cross ќе се произведува во фабриката на Toyota во Франција, покрај стандардниот Yaris, а јапонската компанија планира годишно производство од над 150.000 возила.

VW Golf R

Под хаубата на најмоќниот сериски Golf во историјата се наоѓа 4-цилиндерски турбо-бензинец кој произведува 320 КС (235 kW) и има максимален вртежен момент од 420 Nm.

Автомобилот од 0-100 km/h забрзува за 4,7 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 250 km/h.

Новиот Golf R во салоните пристигнува оваа година, а цената во Германија започнува од 42.259 евра.


Во 2021 година на пазарот ќе пристигнат и други интересни модели со кои овојпат не се занимававме и на кои сигурно ќе обрнеме внимание тогаш кога и официјално ќе се појават… Audi e-Tron GT, Audi Q5 Sportback, BMW 4-Series Cabrio, BMW iX, Cupra El-Born, новиот Kia Sportage и други