Годината која полека останува зад нас беше многу возбудлива кога станува збор за нови модели, но исто така и кога станува збор за супер атрактивни концепти.

 

Некои од нив ќе се пресликаат во сериски модели, додека други ќе останат засекогаш само дизајнерско дело без големи шанси да го допрат асфалтот.

Кои се концептите кои ја одбележија 2018 година:

Peugeot e-legend

Во 60-те години на минатиот век, францускиот бренд го произведувал моделот 504 Coupe, модел со погон на задните тркала и секако еден од најпримамливите модели на Peugeot во тоа време.

Базиран токму на моделот 504, на саемот во Париз во октомври оваа година, беше лансиран концепт кој претставува еден вид омаж кон овој класик.

Се разбира, студијата поседува чист електричен погон и користи батерија од 100 kW, со чија помош има автономија од 600 километри. Електричните мотори испорачуваат 460 КС и 800 Nm. Сериската верзија не е потврдена.

Mercedes Vision EQ Silver Arrow

Подбрендот EQ на Mercedes е иднината на автомобилската компанија од Штутгарт. Во неговите рамки ќе се произведуваат исклучиво електрични модели, почнувајќи веќе следната година.

Во почетоците на авто-мото спортот, во триесеттите години на минатиот век, Mercedes учествувал на трки низ цела Европа со автомобили познати како „сребрени стрели“. Со оглед дека брендот од Германија многу ја почитува традицијата и историјата, концептот ги обединува овие две вредности.

Mercedes Vision EQ Silver Arrow е концепт кој беше премиерно прикажан на Неделата на автомобилите во Монтереј, со батерија од 80 kWh и електромотори од 738 коњи. Сериска верија барем засега не се планира.

Audi PB18 e-tron

Исто како Mercedes, така и Audi, електричните модели планира да ги обедини под посебен бренд. Веќе тестирани во различни конфигурации, моделите е-tron, оваа година на сцената пристигнаа како прв SUV, а комплетната офанзива доаѓа во годините што доаѓаат. Се разбира, сите модели ќе почиваат на платформата MEB односно VW Group.

Во очекување на тој момент, Audi на Pebl Beach го претстави чисто електричниот супермодел, PB18 e-tron.

Концептот е создаден во чест на „Годините на  доминација на Ле Ман“, а користи 95 kWh батерија која обезбедува автономија од 500 километри. За погонот се задолжени три електрични мотори, со 201 КС напред и 469 КС назад. Нема информации за сериска верзија.

Genesis Essentia

Отсутен од големата сцена оваа година кога станува збор за нови сериски модели, Genesis воопшто не разочара кога станува збор за концептите.

Во Њујорк, корејскиот бренд го претстави моделот Essentia, првото електрично возило на компанијата со батерија со висока густина и повеќе електрични мотори (не е откриено колку). Сериска верзија е можна, но не е потврдена.

BMW Vision iNEXT

Баварците, како и нивните германски конкуренти, исто така формираа „електричен“ подбренд. Во трката „на струја“ тие веќе влегоа со „i“ семејството на автомобили. За BMW, вистинската eлектрична експанзија започнува во 2021 година.

Концептот Vision iNEXT е автомобил кој треба да биде олицетворение на електричниот погон и автономното возење.

Infiniti Prototype 10

Оваа година јапонскиот бренд е доста активен што се однесува до концептите. Неколку студии веќе беа претставени, а уште неколку ќе бидат претставени следната година, почнувајќи од NAIAS во Детроит.

Веројатно најатрактивниот концепт оваа година е Prototype 10, креација на Карим Хабиб, новиот шеф на дизајн на јапонскиот премиум бренд.

Како и Prototype 9, така и 10 доаѓа без информации за погонот и перформансите. Исто така, нема потврда за сериско производство.

Pininfarina Hybrid Kinetic GT

За кинескиот Hybrid Kinetic, Pininfarina го дизајнираше GT, кој беше претставен на салонот за автомобили во Женева во месец март оваа година. Бројот на батерии е непознат, но познато е дека има четири електрични мотори и двостепена трансмисија. Концептот испорачува 1.000 КС со 1.000 километри автономија.

Мала е веројатноста дека ќе влезе во сериско производство.

DS X E-Tense

Асиметријата е идеја околу која се врти тимот на францускиот DS, а еден од најлудите овогодинешни концепти е DS X E-Tense.

Оваа машина е дизајнирана за двајца патници со позиции еден према друг. Се разбира, автомобилот е автономен со електричен погон, кој се состои од два електромотори со 540-коњски сили за секојдневна употреба и 1.360 КС за трки.

X E-Tense всушност е единствениот од сите наведени концепти кој не е материјализиран, туку е останат на ниво на рендерирање. Се разбира, нема да има сериска верзија.

Jeep Easter Safari

Љубителите на теренско возење секако имаа многу причини за радост по однос на концептите од оваа година. Jeep претстави не еден, туку седум концепти: Jeepster, B-Ute, J-Wagon, 4Speed, Sandstorm, Nacho и Wagoneer Roadtrip, кои беа дел од  52-то издание на Велигденскиот Jeep Safari.

Lamborghini Terzo Millennio

Lamborghini не е производител што често претставува концепти. За среќа, оваа година, превезот беше отстранет од студијата Terzo Millennio, електричен supercar кој беше создаден во соработка со МИТ.

За разлика од другите концепти, Terzo Millenio не користи батерија, туку самиот е батерија. Визуелно, концептот треба да биде предвесник на следната генерација Aventador.