Со доаѓањето на Херберт Дис на чело на VW Group се очекуваат промени. Тоа е сигурно. Но какви?

Volkswagen не случајно го носи епитетот „автомобилски гигант“. Покрај матичниот бренд, под негова капа се  Audi, Porsche, Bentley, Škoda, Seat, Lamborghini, Bugatti, но и мотоциклистичкиот бренд Ducati, камионските Scania и Man, како и комерцијалните возила на VW.

Групата е толку голема што има околу 120 фабрики ширум светот под своја управа. Новиот директор на VW Group, Херберт Дис, во своите планови најави, меѓу другото, намалување на групата.

Тој вели дека сите брендови во наредниот период ќе бидат ставени под лупа, а некои дури и би можеле да бидат продадени, за по реорганизацијата на групата да останат само „најмоќните“.

Дис не споменува конкретни имиња, но VW, најверојатно, нема да се откаже од некој од автомобилските брендови, бидејќи дури и Seat, кој до неодамна беше во финансиски проблеми, сега е профитабилен. Škoda е сè поважна алка во ланецот, а добра заработка носат и премиум брендовите.

Токму затоа повтроно се шпекулира дека е еден од кандидатите за продажба e мото брендот Ducati. Можноста за продажба на овој производител на мотоцикли е спомената во неколку наврати во 2017 година, а медиумите шпекулираа со сума од 1,8 милијарди долари. На крајот ништо не се случи.

Она што е ново со доаѓањето на Херберт Дис, е одлуката на надзорниот одбор на Volkswagen од минатата недела за реорганизација на групацијата во шест глобални бизнис региони, со Кина како специјален седми реон.

Групата ќе биде поделена дополнително и во три подгрупи – во првата се големо сериските брендови, во втората премиум брендовите, а во третата суперпремиум брендовите. Новиот прв човек на групацијата, ќе биде задолжен и за развојниот и истражувачки сектор на VW Group, но исто така и за премиум брендот Audi.

Брендот Volkswagen, во 2019 година ќе добие ново лого, со цел да се усогласи изгледот со приказот на дигиталните екрани во автомобилите, но, исто така, и на „паметните“ уреди. Сегашното лого беше претставено во 2012 година, со изразен тридимензионален изглед.