Автомобилскиот бренд Volvo е многу сериозна компанија кога станува збор за електричните автомобили. Но, таа не е единствена што се занимава со тоа. Производителот на камиони со истото име штотуку започна со производство на електрични камиони

И покрај заедничката историја, логото, името, двете Volvo компании веќе немаат допирни точки. Имено, кинеската групација Geely е сопственик на компанијата за производство на автомобили, додека компанијата за камиони е „сам свој газда“. Имено, групацијата Volvo, односно производителот на камиони, контролира дел од акциите на Renault и Mack, односно делот од овие компании кои произведуваат камиони.

Имено, Volvo Trucks го претстави својот нов модел, а станува збор за електричен камион наречен Volvo FL Electric. Камионот е дизајниран за транспорт на товар во градски средини, меѓу другото, а главната причина за тоа е што создава многу помалку бучава и не испушта штетни гасови, за разлика од конвенционалните камиони.

Од компанијата велат дека овој камион е првиот од многуте што ќе следат.

Под капакот на погонскиот агрегат, има електричен мотор кој развива 248 коњски сили и 425 Nm вртежен момент. Тој е поврзан со литиум-јонски батерии, благодарение на што може да помине и до 300 километри со едно полнење. Батериите може да се наполнат за два часа со помош на супер полнач или преку стандардни AC-ови, што трае околу десет часа.

Покрај првиот целосно електричен камион, компанијата, веќе некое време, во понудата има и хибридни единици.