Како што стојат работите, јапонскиот бренд целата криза во однос на корона вирусот ќе ја помине  многу полесно и се очекува на крајот од годината да успее да се врати на врвот од листата на најпродавани марки на автомобили на глобално ниво

Ако се вратиме временски наназад, Toyota не е лидер веќе пет години, затоа што овој ласкав наслов прво го „украде“ групата Volkswagen, а потоа и алијансата Renault-Nissan-Mitsubishi. Сепак, оваа година во пандемски услови, јапонскиот производител бележи поумерен пад на продажбата од неговите директни конкуренти.

Така, во првата половина од годинава, групацијата Toyota продала 4.164.487 автомобили, што е за 21,59% полош резултат од минатата година, кога биле испорачани повеќе од 5,3 милиони возила. Во периодот од јануари до јуни, во Европа се продадени 409.893 автомобили од групата Toyota (-26,2%), додека во Северна Америка се регистрирани 1.01.178 нови автомобили (-23,9%). Спасот за јапонскиот гигант е на пазарот во Кина, каде веќе во јуни е остварен значителен раст на продажбата од 22,8%.

Претставниците на Toyota веруваат дека ќе успеат да го намалат падот на продажбата до крајот на годинава и дека ќе имаат значително подобри месеци во Европа и Северна Америка.

На второ место е групата Volkswagen, која испорачала 3.893.000 автомобили во периодот јануари-јуни. Падот на глобално ниво е 27,4%, а германската група беше особено погодена во месеците кога продажбата во Европа скоро целосно запре.

Самиот VW испорачал 2,2 милиони возила (-26,7%), Audi 707.225 (-22%), Škoda 426.712 (-31.3%), додека најголем пад од 38,5% има Seat со 193.419 испорачани автомобили.

Алијансата Renault-Nissan-Mitsubishi од скандалот со Карлос Гон во никој случај не може да се опорави и да се врати на патеките на успехот што го имаше под управување на овој човек. Во првото полугодие француско-јапонскиот сојуз на глобално ниво продал 3.523.228 автомобили. Тоа е за 32,4% помалку од претходната година.

Nissan остварил поголема продажба од Renault, испорачувајќи 1.876.630 единици (-28,65%), додека францускиот бренд индексирал 1.256.658 нови регистрации (-34,92%). Најлошо минал Mitsubishi со пад од 39,8% или продадени 390.000 автомобили.

Со оглед на бројките и фактите, алијансата Renault-Nissan-Mitsubishi тешко дека ќе закрепне до крајот на годината и јасно е дека не можат да ја нападнат првата позиција на списокот со најпродавани производители на автомобили. Пазарот во Европа се опоравува, но полека, што не е особено од корист за групата Volkswagen, чии брендови зависат најмногу од потрошувачите на Стариот континент.

Во такви услови, реално е да се очекува Toyota да се врати на врвот од оваа листа, бидејќи има подобра дистрибуирана продажба во светските региони, поточно, не е премногу зависна од еден пазар, како што е случајот со групата Volkswagen.