Започна новата сезона во Formula 1! Првата сезонска трка е зад нас, а Red Bull и Алонсо имаа почеток од соништата.

Макс Верстапен ја оствари својата 36-та победа во кариерата пред тимскиот колега Серхио Перез. Подиумот го комплетираше фантастичниот Фернандо Алонсо во Aston Martin – негов 99-ти подиум во кариерата и прв во Aston Martin. Сосема заслужено, на крајот стигна и наградата за неговиот врвен настап – возач на денот. Од друга страна, кошмарен старт во Ferrari имаше Шарл Леклер, кој се повлече од трката во 41-от круг поради дефект на моторот.

Вториот возач на Ferrari, Карлос Саинц заврши четврти, а не многу зад Саинц, на петтото место трката ја заврши Луис Хамилтон во Mercedes.Одличниот ден за Aston Martin  го заокружи Ленс Строл со шестото место, кој зад себе пак го остави тимскиот колега на Хамилтон, Џорџ Расел.

Кругот на освојувачи на бодови од осмото до десетото место го затворија Валтери Ботас во Alfa Romeo, Пјер Гасли во Alpine и одличниот Александар Албон во Williams. Тимскиот колега на Гасли, Окон, имаше трка за заборав, кој на крајот по неколкуте казни се повлече од трката. Истото може да каже и за McLaren – Пјастри рано ја заврши трката, а Норис заврши последен на 17-то место по пет застанувања во боксот.
 

ТЕК НА ТРКАТА

 

Самиот старт помина без инциденти, а одлично тргнаа Верстапен и двајцата возачи на Ferrari. Перез кој на стартниот грид беше на втората позиција, успеа да се одбрани од налетот на Саинц, но не и од Леклер кој успеа да ја превземе втората позиција. На крајот од првиот сектор имаше контакт помеѓу двата болида на Aston Martin – Строл се бореше со Расел и малку го допре Алонсо при сопирањето, при што Алонсо ја загуби позицијата од Расел, а Строл дел од предното крило. Редоследот на крајот од првиот круг беше Верстапен, Леклер, Перез, Саинц, Хамилтон, Расел, Алонсо, Ботас, Строл, Норис.

Верстапен веднаш создаде предност од три секунди пред Леклер. Секунда и половина зад Леклер беше Перез, а секунда зад Перез, Саинц. Во петтиот круг, Леклер направи грешка во првиот свиок, му блокираше предното десно тркало и со тоа му дозволи на Перез да се приближи на помалку од секунда заостанување. Сепак, Перез доби инструкции од тимот да не го напаѓа Леклер бидејќи очекуваа проблеми со деградација на гумите.

Сезоната во боксот ја отвори Гасли. Не многу успешно, бидејќи механичарите имаа проблеми со предната лева гума. По него во боксот влезе Магнусен. И двајцата се префрлија на тврди гуми, затоа што околу 12-от круг, перформансите на меките гуми почнаа да опаѓаат. Алонсо почна да го напаѓа Расел, но овој успешно се бранеше. Додека уживавме во борбата меѓу Алонсо и Расел, во 13-от круг Хамилтон прв од водечката група влезе во боксот. Токму кога Хамилтон се враќаше на патеката, Алонсо го престигна Расел на почетокот на вториот сектор по одлична борба.

Во 14-от круг во боксот влегува Леклер, а веднаш по него во истиот круг и Саинц. Во боксот влегува и Расел, кој не помина без проблеми. Сите се префрлија на тврди гуми. Еден круг подоцна Верстапен оди во бокс и се префрла на вториот сет на меки гуми. Во истиот круг, дебито на Пјастри завршува во боксот со откажување поради дефект на болидот.

Ботас долго време остана на стартниот сет на гуми. Гледавме малку борба меѓу него и Алонсо, од која Алонсо излезе како победник, а на Расел не му требаше многу време да се пробие пред Ботас.

Првиот стинт за Перез на меки гуми траеше до 18-от круг. Тој се врати на патеката со вториот комплет на меки гуми.

Во 21-от круг предноста на Верстапен беше десет секунди пред Леклер, речиси четири секунди зад Леклер беше Перез, а дополнителни девет ги делеа Перез и Саинц. Редоследот на првите десет беше: Верстапен, Леклер, Перез, Саинц, Хамилтон, Алонсо, Расел, Строл, Ботас, Албон.

Перез нижеше најбрзи кругови и со тоа ја намали разликата зад Леклер. До 25-от круг влезе во DRS зоната, заостанувајќи половина секунда зад возачот на Ferrari. На следното поминување низ стартно-целната линија Перез го престигна Леклер.

Трката за McLaren беше се полоша и полоша. Покрај откажувањето на Пјастри, во 28. круг Норис по трет пат влезе во бокс, по што остана „закован“ на последната позиција. И Окон немаше свој ден, собираше казни како деца што собираат сликички од фудбалери.

Од водечките, Хамилтон во 31-от круг по втор пат влезе во бокс, а го следеше Строл. И двајцата се префрлија на нов комплет тврди гуми. Еден круг подоцна, Саинц по вторпат влезе во бокс, а по него и Расел. Веднаш имавме борба помеѓу Строл и Расел, од која Строл излезе како победник. Во 34-от круг, Леклер влезе во бокс и се префрли на нов сет на тврди гуми. Еден круг подоцна и Перез менува, овој пат од меки на тврди, но го задржа второто место.

Алонсо во бокс влезе во 35. круг и се врати веднаш зад Хамилтон. Така, имавме ситуација кога едниот Aston Martin брка Mercedes, а другиот го брка Mercedes – Алонсо го ловеше Хамилтон, а Расел – Строл. Во 37. круг, Верстапен по втор пат влегува во бокс, но ја задржа лидерската позиција.

Во продолжение уживавме во борбата помеѓу Хамилтон и Алонсо. Имаше менување на позициите, широко влегување во свиоци, пресврти, за на крајот Алонсо да го престигне Хамилтон на местото каде што најмалку се очекуваше – прекрасен потег на влезот во свиокот 10.

Во 41-от круг катастрофа за Ferrari – Леклер се повлекува поради дефект на моторот, што беше причина за појавување на виртуелното безбедносно возило. Тимовите беа подготвени за евентуално ненадејно влегување во боксот, но веќе во следниот круг трката продолжи. 

Редоследот по откажувањето на Леклер беше Верстапен, Перез, Саинц, Алонсо, Хамилтон, Строл, Расел, Ботас, Гасли, Албон. Алонсо ја продолжи својата потераа по Саинц, стигнувајќи на помалку од една секунда зад Саинц во 44. круг. И не му требаше многу, веќе во 45. круг изби на третото место по добра борба цел круг.

Малку подоцна Саинц беше во немилост и на Хамилтон. Болидот на Ferrari очигледно многу ги трошеше гумите. Саинц се пожали на потскокнување на болидот. Сепак, Хамилтон заостануваше секунда зад Саинц и немаше вистинска можност за напад. До крајот на трката немаше промени во редоследот на водечката десетка, па така Верстапен со победа продолжи да ја брани шампионската титула, а уживавме и во новиот подиум на Алонсо.

Следната трка е за две недели во Австралија.
 

РЕЗУЛТАТИ:

 


 

2023 Bahrain Grand Prix: Race Highlights

 

 

ИЗЈАВИ ПО ТРКАТА:

 

 
Макс Верстапен

„Почетокот на трката беше одличен и тука всушност го направив најголемиот дел од моето водство. После тоа бевме внимателни со гумите бидејќи никогаш не се знае што може да се случи во последната фаза од трката. Сакавме да бидеме подготвени на се и особено ми е драго што конечно успеав да победам овде во Бахреин. Секоја чест на тимот за сработеното во текот на зимата“.

Серхио Перез

„Одличен почеток на сезоната, особено ако се потсетиме како беше минатата година. Убаво се вративме и напорно работевме во текот на зимата. Навистина е убаво да се види тимот како ужива. Имаме одличен болид и денеска главно цел беше да стигнеме до целта со двата болида. Стартот ме чинеше многу и на крајот можев само да ја лимитирам штетата кога е во прашање борбата против Макс. Сезоната е долга и мислам дека се подобрувам со секоја сесија“.

Фернандо Алонсо

„Најпрво би сакал да му честитам на Ленс, кој пред само неколку дена беше опериран и сега е тука со сите нас. Ова е неверојатен резултат за тимот, беше одлично и чувството да се заврши првата трка годинава на подиумот е едноставно неверојатно. Секоја чест за Aston Martin за работата што ја завршија во текот на зимата, бидејќи го имавме вториот најдобар болид на првата трка и тоа е навистина нестварно“.
„Немавме најдобар старт, моравме да претекнуваме на патеката, но тоа донесе многу возбудувања, луѓето уживаа“.

Чарлс Леклер

„Не можам да кажам дека ова е добро. Очигледно ни претстои многу работа. Мораме да работиме бидејќи ова е прва трка и веќе имавме проблем со сигурноста на болидот“
„Red Bull пронашол нешто големо во врска со темпото на трката. Што се однесува до квалификациите, нашето темпо е слично, но кога е трката во прашање, тие се дури и една секунда побрзи, што е многу. Мора да работиме и на тоа“.

Луис Хамилтон

„Денеска беше забавна трка, но јас едноставно не бев брз. Генерално сакам да се тркам, имав добар старт, го поминав Алонсо во четвртиот свиок и тоа беше еден од моите подобри стартови, но после тоа почнав да се лизгам по патеката, имав многу преуправувања, не можев добро да минувам низ некои свиоци,  што е морално за да бидете во чекор со другите. На крајот, пропуштив веројатно можност да го стигнам Карлос“.
„Во моментов не можеме да се бориме со Ferrari, тие денеска беа побрзи од нас како и Aston Martin. Treba многу да работиме за да ја намалиме разликата“.