Додека некои се откажуваат од дизелите, тие развиваат нов
Ако се суди според последните анализи и податоци за светската продажба на нови возила, популарноста на дизел моторите секојдневно се намалува, а голем број на производители се ослободуваат од овие агрегати во нивната понуда, додека други продолжуваат да развиваат понапредни варијанти
Ова во Европа веќе воопшто не е изненадување, но секако е неочекувано кога таква вест доаѓа од САД, каде и започна падот на дизелот поради Dieselgate скандалот со Volkswagen во 2015 година.
И додека VW и Mercedes ги исфрлаат дизел моторите од понудата во САД, локалниот гигант General Motors (GM) инвестира во развој на нови агрегати.
Американската компанија веќе најави дека новите Chevrolet Silverado и GMC Sierra ќе добијат 3.0-литарски 6-цилиндерски дизел мотори во почетокот на следната година, но тоа не е се.
General Motors во моментов купува 1.6-литарски 4-цилиндерски турбо дизел од француската PSA Group за Chevrolet Cruze и Equinox, но многу веројатно дека ќе развие и сопствена помала единица за овој тип на модели.
Токму затоа американската компанија го задржала својот центар за развој на мотори во Торино, иако минатата година се повлече од Opel. Директорот на фабриката во Торино, Пјерпаоло Антоњоли, потврди дека новата гама на GM дизел мотори ќе вклучува и 3-цилиндерски и 4-цилиндерски верзии.
General Motors очекува да ја зголеми продажбата на своите возила со дизел мотор во САД, пред се надевајќи се дека ќе и привлече разочараните поранешни сопственици на VW автомобили.