WWCOTY 2023: Во изборот на дамите, ова се најдобрите автомобили за 2023 година
Жирито на Изборот за женски светски автомобил на годината ги избра најдобрите во поединечни категории
Жирито кое го сочинуваат 63 автомобилски новинарки од 45 земји во светот, по изборот на финалистите ги прогласи и најдобрите во поединечни категории.
Како што може да се забележи, во сите категории, освен во категоријата спортски автомобил на годината, победата ја освоил модел со зголеменот растојание од тлото – теренец или пикап.
Така, Kia Niro е прогласен за најдобро урбано возило. Малку неочекувано бидејќи не е мал градски модел. Од друга страна, изборот на Audi RS3 за најдобар спортски автомобил е дури и очекуван, особено што Audi A3 со години е еден од најпопуларните автомобили помеѓу женските возачи.
Исто така изненадувачки, женското жири го избрало Jeep Avenger за победник во категоријата семејни теренци. Новиот теренец има многу атрактивен изглед, тој е првиот електричен Jeep, но е и забележително помал од, на пример, Kia Niro, кој, како потсетување, е избран за градски автомобил на годината. „Првото 100% електрично возило на Jeep има многу успешен дизајн и одлични теренски способности и покрај тоа што е со погон на предните тркала“, се вели во соопштението.
Во доменот на големи возила, Citroen C5 X е освојувач на титулата, додека Nissan X-trail е најдобар „голем теренец“. Конечно, во класата 4×4 и пик-ап, победник е Ford Ranger.
Вкупниот победник, Светски женски автомобил на годината, ќе биде прогласен на 8 март, денот на жената.