Германскиот Volkswagen e сврсто решен да го покори автомобилскиот пазар во делот за електрични возила

На автомобилскиот гигант од Волфсбург очигледно притисокот и огромните казни како последица од скандалот Dieselgate не му влијаат премногу и веќе тргнува во нова голема офанзива.

Челниците на VW во почетокот на мај, на Генералното собрание потврдија дека планираат да лансираат 80 нови plug-in хибридни модели до 2025 година и продажба на три милиони електрични автомобили на годишно ниво.

Токму поради ова, VW уште во март најави купување на батерии во вредност од околу 20 милијарди евра, но во меѓувреме одлучи двојно да го зголеми проектот и потпиша договор за испорака на батерии чија пазарната вредност е повеќе од 40 милијарди долари или преведено, речиси колку што е вредноста на компанијата Tesla во моментов (43,4 милијарди долари).

VW нема намера да застане таму и се шпекулира дека во блиска иднина договорот со батерии ќе чини околу 50 милијарди евра.

Колку е голем проектот на VW покажува фактот дека германскиот гигант произведува повеќе автомобили за четири дена отколку Tesla за цела година.

VW само оваа година ја зголеми својата гама на хибриди од осум на 18, додека до 2020 година ќе има 25 нови EV возила.

И додека VW е една од најпрофитабилните компании во автомобилската индустрија, Tesla, која во текот на 15 години од постоењето ниедна фискална година ја нема завршено со добивка, се бори за да го постигне посакуваното ниво на производство на својот прв модел на широките маси, Model 3, соочувајќи се кеш загуба и голем број на истраги по однос на безбедноста.