Дури 22 федерални држави подигнаа заедничка тужба против воведувањето на нови правила, но FCC останува на своето

Правилата за неутралност на интернетот во САД ќе престанат да постојат на 11 јуни, кога ќе стапат во сила новите правила кои ќе им овозможат на давателите на интернет услуги пошироки права да го ограничат пристапот на корисниците до интернет и содржини на интернет.

За да биде појасно, Американскиот сојузен одбор за комуникации (FCC) во декември донесе одлука за поништување на правилата за „отворен интернет“ усвоени во 2015 година. Овие правила им оневозможуваат на давателите на интернет услуги да го блокираат или забават пристапот до содржини на Интернет односно дополнителни трошоци за пристап до содржини.

Новите правила донесени од FCC, од интернет провајдерите бараат јасно да ги информираат корисниците за тоа дали ќе го блокираат или забават пристапот до одредена содржина, односно овозможат побрз пристап по повисока цена.

Против „новите правила“, застанаа некои од најпопуларните веб-сајтови и стратуваа таканаречен „Црвен аларм“ за да го принудат Сенатот да ја отфрли одлуката и да ја врати целата работа по старо. Дури 22 федерални држави покренаа заедничка тужба против воведувањето на нови правила, што би можело дополнително да го присили Сенатот за ова да одлучува веќе следната недела.

Треба да се напомене дека американските правила не се однесуваат на корисниците во остатокот од светот, нормално и на корисниците во Македонија. Сепак, ако корисниците пристапуваат на интернет страница во САД или ако некоја македонска компанија има интернет-страница во САД, а новите правила стапат во сила, може да почувствуваат намалување или забавување на сообраќајот кон таа страница.