Возачот на Mercedes, Луис Хамилтон, е победник на петтата трка од сезоната – ГН на Шпанија во Барселона

Со втората сезонска победа, актуелниот светски шампион ја зголеми бодовната предност пред Фетел кој на крајот заврши на четвртото место

На почетокот од трката, Фетел успева да го помине Ботас, а сè друго е релативно чисто се до третата крива кога Грожан ја губи контролата над задниот дел од болидот и се завртува на патеката. Во целата мешаница најдебелиот крај го влечат Хулкенберг и Гасли кои удираат во болидот на Haas што за сите тројца значи и крај на трката уште на самиот почеток.

Судирот зад себе остава многу остатоци од болидите на патеката на која веднаш излегува безбедносното возило. По неколку круга возење зад истото додека се исчисти патеката, трката повторно стартува. Хамилтон продолжува моќно и брзо прави предност пред Фетел кој доаѓа под закана од Ботас.

По десетина круга, откако станува јасно дека гумите на болидот на Фетел ќе бидат проблем во дуелот со Ботас, Германецот заминува во бокс. Mercedes реагира на овој потег, но поради нешто послабата реакција во боксот, Ботас на патеката се враќа зад возачот на Ferrari.

Само неколку кругови подоцна следи разочарување за италијанскиот тим. Поради дефект трката завршува за Кими Раиконен. Неговиот автомобил остана без моќ и Финецот мораше да се откаже од трката.

Во истиот круг во бокс на промена на гумите заминува Хамилтон, а на патеката се враќа помеѓу двајцата возачи на Red Bull. Рикардо и Верстапен имаа одлично темпо, а до тој момент сеуште беа на меки гуми со кои и ја започнаа трката. За разлика од Red Bull кој имаше јасна стратегија со едно менување на гумите, ситуацијата со Mercedes и Ferrari беше поинаква.

Нешто подоцна, по откажувањето на Окон и виртуелното возило за безбедност од тимот на Ferrari го видоа како можност Фетел уште еднаш да ги замени гумите. Сепак, механичарите имаа проблеми со задното десно тркало па целата промена траеше 5,6 секунди. Поради ова изгубено време, Фетел на патеката се враќа како четврти, зад Ботас и Верстапен кој во меѓувреме исто така ги посети механичарите.

До крајот на трката, Верстапен одржува разлика од околу две секунди пред Фетел кој завршува како четврти, зад младиот Холанѓанец. Како што веќе наведовме, втор заврши Ботас пред Верстапен, Фетел и Рикардо. Во бодови завршија и Магнусен на шестото место, Карлос Саинз на седмото, Фернандо Алонсо на осмото, а Серхио Перез и Леклер на деветтото односно десеттото место.

За Луис Хамилтон ова беше втора победа по ред на оваа патека, бидејќи тој триумфираше и минатата година.

РЕЗУЛТАТИ:

ВОЗАЧИ (ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН):

2018 SPANISH GP HIGHLIGHTS:

АНАЛИЗИ И ИНТЕРВЈУА ПО ТРКАТА:

Следната трка од календарот е закажана за 27 мај.