Toyota и Panasonic заеднички до нови батерии за електричните автомобили
Јапонските индустриски гиганти, Toyota и Panasonic подготвуваат заеднички проект за истражување, производство и продажба на батерии за електрични автомобили, што е се попрофитабилен сектор поради експанзијата на овој тип на возила во светот
Јапонскиот производител на автомобили и јапонскиот производител на електроника во заедничкото соопштението велат дека Toyota ќе има 51 отсто, а Panasonic 49 отсто во заедничкото вложување од крајот на 2020 година.
Компаниите велат дека заедно работат на истражување и развој на батерии од 2017 година, но не укажуваат колку ќе инвестираат во овој заеднички проект. Panasonic ќе ја пренасочи опремата, средствата и работната сила од своите фабрики во Јапонија и Кина во заедничката компанија која ќе има вкупно 3.500 вработени од двете компании.
Panasonic претходно веќе инвестираше во фабрика за батерии во САД со производителот на електрични автомобили Tesla.
Иновациите во областа на погонските батерии се од клучно значење за електричните автомобили, бидејќи сега најголемиот предизвик е времето и трошоците за полнење.
Toyota, најголемиот производител на автомобили во Јапонија, заостанува зад Nissan во областа на електрични автомобили и последниве години се обидува да фати приклучок.