Една и пол година по почетокот на сериското производство, Model 3 конечно е хомологиран за европскиот пазар

Компанијата Tesla конечно доби и официјално одобрување да започне со продажба на својот најпристапен автомобил на Стариот континент.

Американскиот производител најави дека првите примероци од Model 3 до клиентите во Европа ќе стигнат до крајот на февруари, а станува збор за Long Range варијантата на овој автомобил.

Почетокот на продажбата на Model 3 на европскиот пазар е од големо значење за Tesla, особено по изјавата на Илон Маск дека пред компанијата е „многу тежок пат“ во периодот што следува.

Американскиот производител на електрични автомобили, неодамна најави дека ќе мора да отпушти околу 7% од својата работна сила (над 3.000 вработени со полно работно време) во пресрет на лансирањето на најевтината варијанта на Model 3, кој во САД ќе чини ветeните 35.000 долари.

По одличните продажни резултати на Model 3 во САД во 2018 година, каде што се доставени 139.782 примероци од овој модел, ќе биде интересно да се види како ќе започне продажбата во Европа, колку автомобили ќе се продаваат на пазарот во 2019 година и кои традиционални модели на автомобили ќе бидат загрозени со доаѓањето на најевтината лимузина на Tesla.