Што ја одбележи автомобилската 2019 година?
Подем на електричните автомобили, голем пад на продажбата на дизелите
Веднаш да биде јасно дека ова се однесува на глобалните трендови, а не и на нашата држва. Македонија и воопшто регионот во овој поглед сеуште се далеку зад светот.
Минатата година започна со тврдење на експертите дека продажбата на автомобили со погонски мотори со внатрешно согорување (SUS) достигнала историски највисоко во 2018 година и дека во иднина ќе бележи само пад.
Моторите со внатрешно согорување – бензинците и дизелите – продолжуваат да бидат доминантен погон на сите глобални пазари и ќе продолжат да ја држат таквата позиција во наредните години. Сепак, ако може да им се верува на автомобилските експерти, врвот на продажбата на бензинци и дизели е зад нас. Во интервју за Financial Times, тоа го потврдуваат повеќемина експерти кои додаваат дека овој резултат е малку веројатно да се надмине во иднина.
Во 2019 година, многу производители на автомобили или престанаа да продаваат одредени модели во дизел верзии, или најавија таков потег во наредните години. Во тоа доминираат Јапонците, кои сè поретко нудат дизел-погони во Европа.
Дури и оние, пред сè германските, производители кои традиционално се потпираат на дизел мотори, се принудени да се фокусираат на алтернативите – развој на бензинците, со или без електрификација, кои би трошеле исто како дизелите.
Затоа сè повеќе бензинци добиваат т.н. „благ (лесен) хибриден погон“, благодарение на електричниот систем од 48 волти кој придонесува за поголема ефикасност во возењето и намалена емисија на СО2.
Покрај класичните хибриди и plug-in хибридни верзии, овие мотори полека вршат притисок на дизелите, особено во Западна Европа, каде во 2019 година има значителен пад на побарувачката за модели со дизел погон.
Сепак, сите автомобили кои денес или во следните неколку години ќе ги задржат моторите со внатрешно согорување (со или без помош на електрични мотори) се само преодно решение кон целосно електричните автомобили на иднината, за кои автомобилската индустрија во овој момент има консензус дека ќе владеат на патиштата во децениите што следат.
Во прилог на ова говори „електричната офанзива“ на најголемите европски и светски автомобилски компании.
Германскиот автомобилски гигант Volkswagen го претстави својот прв сериски електричен модел – ID. 3, кои веќе го нарекуваат електричен Golf. Производството е веќе започнато, и покрај стартните проблеми, а паралелно со овој компактен електричен автомобил, VW работи на цела серија електрични модели кои ќе доаѓаат на пазарот во следните неколку години.
Тука секако треба да се спомене и Tesla, која конечно го стабилизираше производството, а во 2019 година Model 3 кој стигна до стотици илјади клиенти во Америка, сега е присутен и во Европа. Кон крајот на годината, овој електричен седан започна да се произведува и во Кина за локалниот пазар, така што треба да се очекува раст на продажбата на Model 3 во 2020 година, а во текот на годината на пазарот ќе биде лансиран и новиот Model Y.
Во 2019 година, уште неколку производители на популарни модели, како што се Peugeot 208 и 2008 или Opel Corsa, одлучија дека новите генерации на овие возила треба да добијат чисто електрични верзии уште од самиот почеток на продажбата.
Сепак, за понатамошна експанзија на електричните автомобили и потиснување на возилата со SUS мотори, клучно е да се намалат цените на електричните модели, односно нивните најскапи компоненти – батериите, потоа дополнително да се подобри инфраструктурата на полначи како и да се зголеми автономијата на возењето.
Автомобилската индустрија, како и производителите на погонски батерии, напредуваат на сите три фронта од година во година, така што 2020 година секако може да се очекуваат нови подобрувања.