Еден од најмладите брендови на автомобилската сцена е причина за симувањето на Lexus oд тронот на најдоверливи марки на автомобили

Луксузната марка на Toyota сепак и понатаму е во самиот врв односно на второто место во студијата на J.D. Power позната како Vehicle Dependability Study со само 100 проблеми пријавени на 100 автомобили. Изненадувањето на врвот е Genesis, луксузната марка на корејскиот Hyundai со само 89 проблеми на 100 автомобили или помалку од која било друга марка на американскиот пазар. За Genesiѕ ова е деби во студијата која се спроведува 31-години по ред.

Студијата го опфаќа американскиот пазар на автомобили стари до три години. На третото место, верувале или не, е Buick со 103 пријавени проблеми, а дури потоа доаѓа Porsche, бренд кој е на врвот во бројни студии за квалитет и задоволство на купувачите. Најдобрата петорка ја заокружува Toyota со 113 пријавени проблеми.

Сепак кога станува збор за најдоверлив модел тука неприкосновено е Lexus ES со само 52 пријавени проблеми на 100 автомобили. 

На крајот треба да се каже дека индустрискиот просек е 134 пријавени проблеми, а под просекот се има имиња како Аudi, Mercedes, Volvo, па дури и Honda, а на самото дно се Jaguar, Chrysler и Land rover со 186, 214 и 220 пријавени проблеми.