Новата сезона од Светскиот шампионат во Formula 1 ќе започне во првиот викенд од јули, а покрај редовните возачи, на стартот од сезоната може да се радуваат и резервните возачи затоа што оваа година би можеле да играат прилично важна улога во своите тимови

Првиот човек на Formula 1, Чејс Кери, неодамна изјави дека трките нема да бидат откажани доколку се појави случај на инфекција со коронавирус во некој од боксовите, туку заразените лица ќе бидат изолирани, а тимовите мора да имаат резервни решенија за пополнување на работните места. Ова не се однесува само на тимското раководство и механичарите, туку и за возачите.

„Ако некој возач се зарази, на располагање треба да биде резервниот. Исто како што тоа би било во случај на труење со храна или некој друг непредвиден настан“, изјави Кери.

Повеќето екипи редовно ангажираат резервни или тест возачи за сезоната. Обично тоа се млади таленти кои возат во пониски серии или возачи кои возеле во Formula 1, а сега се натпреваруваат во други шампионати. Исто така, некои помали тимови имаат договори со други екипи да ги „споделат“ резервните возачи. Не треба да се заборави дека во моментов на пазарот се слободни и возачи како Фернандо Алонсо и Нико Хулкенберг, што би можело да биде интересно за екипите.

Некои тимови секогаш имаат резервни возачи присутни на трките, додека други немааѕ таква практика. Можно е тие сега да одлучат поинаку, за да избегнат незгодни ситуации. Доколку резервниот возач за време на трките е дома или на другата страна од светот, неговото пристигнување на патеката би можело да трае долго време, па дури и да биде оневозможено, бидејќи ограничувањата за патувања се уште се во сила, а плус треба да има и негативен тест на COVID-19 за да може да пристапи на тркачкиот викенд.

Во продолжение списокот на резервни возачи по екипи од кој некого можеби и ќе имаме можност да го видиме во посериозна акција оваа година, не само на некој слободен тренинг во текот на сезоната.

Mercedes: 
Стофел Вандoорн (FE) и Естебан Гутиерез (во моментов без суперлиценца)

Ferrari: 
Антонио Џовинаци (Alfa Romeo) и Паскал Верлејн (FE)

Red Bull / Alfa Tauri:
Серхио Сете Камара (Super Formula, Јапонија) и Себастијан Буеми (FE)

McLaren / Racing Point: 
Договор со Mercedes за користење на Вандоoрн или Гутиерез

Renault:
Гван Жу (F2) и Кристијан Лундгард (F2), немаат право на суперлиценца

Alfa Romeo: 
Роберт Кубица

Haas: 
Луис Делетраз (F2) и Пиетро Фитипалди

Williams: 
Џек Ајткен (F2)