Хунгароринг останува во календарот на трки во Formula 1 до 2027 година

Челниците на Formula 1 и организаторите на унгарското ГП, во 2016 година потпишаа договор на десет години, но за време на разговорите околу одржувањето на овогодинешната трка пред празни трибини, постигнат е договор за продолжување на претходно потпишаниот договор за уште една година.

Гран при на Унгарија оваа година ќе биде трета трка во неодамна потврдениот, „кризен“ календар. Возачите и екипите ќе тргнат кон Хунгароринг по двојниот викент во Австрија, а сите трки од европскиот дел од сезоната ќе се одржат пред празни трибини.

Додека се договорија да ја одржат трката во оваа проблематична сезона, Унгарците успеаја да се борат за одредени придобивки, а меѓу нив е и продолжувањето на договорот за Гран при на Унгарија, како дел од Светското првенство во Formula 1 до 2027 година. Претходно потпишаниот договор заврши во 2026 година.

„Во соработка со Liberty Media, разгледувавме како да се компензира недостатокот на профит, бидејќи организациските трошоци не се помалку во случај на трка без гледачи. Дадовме се од себе за време на разговорите, за да постигнеме добар договор и за нашата земја и за спортот во овие тешки времиња“, вели Золт Гулај, извршен директор на Hungaroring Sport. „Не можеме да зборуваме за точните бројки, но таксата за правата е помала во однос на она што го плаќаме во случај на трка отворена за гледачите. Ние, исто така, постигнавме договор да го продолжиме договорот, така што тој сега важи до 2027 година, не до 2026 година. Исто така, годишното зголемување на надоместокот за правата е намален, така што на нашата држава и заштедивме неколку милијарди форинти. Сè на сè, можам да кажам дека бевме мудри и заштедивме многу“.

И Унгарија беше во игра за двојна викенд програма оваа година, но бидејќи епидемиолошката состојба во некои други земји се подобри, на Хунгароринг ќе гледаме само една трка, на 19 јули.