Formula 1: Макс Верстапен рутинирано до победата на ГН на Монако / ФОТО+ВИДЕО
Освојувачот на првата стартна позиција во саботните квалификации, Чарлс Леклерк од Ferrari, сепак не успеа да ја започне главната трка како последица на ударот во заштитната ограда некаде при крајот од квалификациската Q1 рунда во саботата и тешкиот дефект на левата полуосовина од неговиот болид
Од тие причини, од првата стартна позиција на главната трка по улиците на Монте Карло стартуваше Макс Верстапен, следен од Валтери Ботас од Mercedes и Карлос Саинц од Ferrari.
Стартот помина без проблеми и никој од водечките не ја загуби позицијата здобиена на квалификациите.
Веќе по неколку кругови беше јасно дека Карлос Саинц на третата позиција има потешкотии во следењето на водечкото дуо, а него следните на гридот Норис и Гасли. Верстапен и Ботас од круг во круг се менуваа со најбрз круг. Серхио Перез, му се закани на Себастијан Фетел во борбата за седмото место, но нападот не траеше долго. Во осмата рунда, Ботас успеа да влезе во DRS зоната за напад на Верстапен, но немаше посериозен напад.
Сепак, од 13. круг Перез ниже најбрзи кругови и влегува во DRS зоната зад Фетел. Но и во овој случај конфигурацијата на патеката не дозволи да се случи посериозен напад. Од 16-тиот круг, Макс го зголеми темпото и полека ја зголемуваше предноста пред Ботас, кој пак го извести тимот дека во тој момент е задоволен од состојбата на гумите. Во меѓувреме, Мазепин и Норис добија предупредувачко црно-бело знаме за возење надвор од границите на патеката.
Во 24-от круг, Карлос Саинц се приближи до Ботас близу до DRS зоната, а Макс веќе избега на пет секунди пред Ботас. Од тој момент Ботас почнува да се мачи со гумите, а до Ботас и Саинц се приближи и Ландо Норис. Во исто време Хамилтон се доближи до Гасли во борбата за петтото место.
Во 30. Круг, Хамилтон беше првиот од водечките кој замина во посета на механичарите и замена на гумите. Круг подоцна на замена во боксот влегува и Валтери Ботас, на таму и остана поради проблеми со предното десно тркало. Тимот не успеа да го замени тркалото и Финецот беше приморан да се повлече од трката. Хамилтон го загуби местото од Фетел и повторно заглави зад Пјер Гасли.
Водечкиот Макс на замена на гумите влезе во 34. круг и се врати зад Серхио Перез на второто место. Но, Перез веќе следниот круг влегува во боксот на замена на гумите, Верстапен се враќа на челната позиција, Мексиканецот по враќањето на патеката е пред Фетел на одличното 4-то место. Повеќето возачи при замената на гумите ја користеа најтврдата компонента на гумите.
Со почетокот на 40. круг Саинц започна да ја намалува предноста на Верстапен и наскоро стигна на три секунди заостанување, кое младиот Шпанец и покрај напорите не успеа да го надокнади се до крајот на трката. На средината од поредокот се водеше битка за 12-тото место помеѓу Кими Раиконен и Даниел Рикиардо, кои водечките веќе ги стигнуваа за цел круг. Алонсо прв пат во бокс влезе дури во 47. круг и се врати на 13-то место. Истата работа сè уште го чекаше Ленс Строл кој трката ја започна на тврди гуми.
Нешто понапред, Џовинаци го бркаше Окон за деветто место, Хамилтон никако не успеваше да го загрози Гасли, а Фетел веќе беше премногу далеку. Во 52. круг нови лоши вести за Рикиардо бидејќи за цел круг го заобиколи и неговиот клубски колега Ландо Норис.
На почетокот на 58-от круг, Ландо го извести тимот дека се мачи со гумите, а Перез кој беше зад него беше известен да го зголеми темпото и да тргне во лов на третото место и подиумот. Во 59-от круг, Строл конечно влегува во бокс и се враќа на осмото место. Очигледно се исплатеше касното влегување и промена на тврдите гуми. Сепак, во тие моменти за него се отвора истрага за проблематично излегување од боксовите, но за среќа по него, без казна.
65. круг ни го донесе дуелот за последното место на подиумот. Перез го стигна Норис, но наиде и на премногу густ сообраќај. На 10 круга до крајот, конечно и двајцата се ослободија од заостанатите болиди, но напад од Перез немаше. Хамилтон влезе во боксот по нови гуми за да успее да го земе бодот за најбрз круг во трка.
До крајот, Џовинаци не успеа да го престигне Окон во борбата за деветтото место, а Норис го задржа Перез, додека Хамилтон успеа да го извози најбрзиот круг и да го освои дополнителниот бод.
Со својата прва победа на ГН на Монако, Макс Верстапен го презеде водството во генералниот пласман за возачи. Возач на денот според гласовите на фановите е Себастијан Фетел кој трката ја заврши на одличното петто место.
2021 Monaco Grand Prix / Резултати
2021 Monaco Grand Prix / Race Highlights
2021 Monaco Grand Prix / Изјавија по трката
Следната трка се вози на 6. јуни за ГН на Азребејџан.