Двете „најсиромашни“ земји на ЕУ, со многу „ѕверки“ на патиштата
Интересна автомобилска статистика за Хрватска и Бугарија
Според потрошувачката и БДП по глава на жител, Хрватска и Бугарија ги заземаат последните две места во Европската унија. Сепак, судејќи според возниот парк, во овие две земји живеат и луѓе кои лесно можат да издвојат стотици илјади евра за автомобил.
Статистиката покажува дека во Хрватска, меѓу другото, има 18 регистрирани Aston Martin модели, 40 Ferrari, 35 возила Bentley и 17 автомобили на супер луксузниот производител Rolls-Royce. Статистичарите исто така изброиле 1.367 единици Porsche, 1.051 Jaguar, 73 Maserati…
Сепак, според бројот на скапи автомобили, Хрватска заостанува зад Бугарија, „најсиромашната земја во Унијата“, пишува „Вечерњи лист“.
Познато е дека Хрватска е на незавидното претпоследно место во Европската унија во однос на потрошувачката и БДП по глава на жител, што премиерот Андреј Пленковиќ неодамна го оправда со тоа што оваа земја последна станала членка на ЕУ.
Само Бугарија е зад Хрватска. Бугарскиот премиер Бојко Борисов ги повика бугарските претприемачи среде кризата со корона да размислат да ги продадат своите скапи автомобили пред да отпуштат работници и објави колку такви скапи возила има во најсиромашната земја на ЕУ.
Во моментов во Бугарија има регистрирано три автомобили од марката Bugatti, а има и 241 автомобили Bentley, 123 Ferrary, 54 Maybach, 22 автомобили McLaren, 87 Lamborghini, 311 автомобили Maserati, 84 автомобили Rolls-Royce, околу 4.000 Jaguar и повеќе од 5000 Porsche автомобили.
Наместо да отпуштаат работници и да ги намалуваат платите на вработените, сопствениците на овие лимузини можат барем да се откажат од дел од нивниот скап возен парк во оваа криза заради епидемијата – им порача Борисов на работодавците, додавајќи дека верува дека според бројките за возниот парк можеби и се први во Европа.