Заминувањето на Себастијан Фетел од Ferrari на крајот од тековната сезона во Formula 1 остави простор за маневрирање во однос на возачките двојки практично кај сите екипи на гридот

Најновите информации велат дека Renault е заинтересиран во своите редови да го доведе Ботас, што би оставило простор за Mercedes да потпише договор со Фетел.

Во досегашниот дел од кариерата која ја помина во германскиот тим, Ботас се покажа како одличен и исклучително сигурен возач, кој е подготвен да ги почитува сите наредби на тимот. Договорот на Финецот истекува на крајот од оваа сезона, па затоа е целосно реално да се очекува дека нема да биде продолжен за да се остави простор за пристигнувањето на Фетел.

Но, останува прашањето дали шефот на тимот на Mercedes во Formula 1, Тото Волф, повторно би сакал да „си игра со ѓаволот“, како што беше во случајот со Хамилтон и Розберг? Јасно е дека Себастијан сака барем уште една светска титула, и тој скоро сигурно не би бил толку послушен како Ботас во однос на наредбите на тимот. На крајот на краиштата, Фетел многупати во текот на својата кариера, особено во помлада возраст, покажа дека не се грижи премногу кога ќе му се спомене пропуштање на тимскиот колега.

По трансферите на Карлос Саинц Јуниор од McLaren во Ferrari како замена за Фетел и Даниел Рикиардо од Renault во McLaren, останува празно место во францускиот тим. Веќе кружат гласини дека Фернандо Алонсо е еден од кандидатите за работата, кој и јавно изјави дека е подготвен за враќање на F1 патеките. Сепак, има и други кандидати, а еден од најсериозните е секако Валтери Ботас, за кој велат дека веќе преговара со францускиот тим.