Ако сакаат скапи автомобили, Французите ќе треба и добро да платат
Новиот предлог закон – кошмар за сопствениците на скапи автомобили
Парламентот во Франција ќе разгледа предлог-закон, со кој сигурно многумина кои сакале да купат Porsche, Ferrari или Lamborghini ќе ги предомисли. Законот предвидува двојно зголемување на казната која потрошувачите треба да ја платат за високите нивоа на СО2 емитувани од автомобилите.
Доколку предлогот биде прифатен, тоа ќе значи значително зголемување на данокот за возила кои најмногу загадуваат. Во Франција во моментов тој достигнува 20.000 евра, далеку над она што го плаќаат сопствениците на вакви автомобили во другите земји на ЕУ, според Европската асоцијација на увозници на автомобили. Најдобри услови има во Белгија и Италија, каде данокот е 2.500 евра годишно.
Властите во Франција предвидуваат автомобилите што емитуваат повеќе од 225 грама CO2 на километар од 2021 година да се оданочуваат со 40.000 евра и 50.000 евра од 2022 година. Данокот е ограничен на половина од цената на возилото. Промената секако е ноќна мора за сопствениците на спортски автомобили од Lamborghini, Ferrari и Porsche, како и за оние кои во своите гаражи имаат Bentley, Rolls-Royce, Mercedes-Benz…
Според експертите, единствениот начин да се избегнат очекуваните загуби на производителите поради намалената побарувачка на ваквите автомобили е масовно воведување на хибридни и електрични модели од висока класа.
Самите компании веќе се движат во оваа насока. Porsche објави дека во 2025 година, околу половина од продажбата на марката ќе бидат електрични автомобили, а Mercedes ќе го понуди својот прв електрифициран модел AMG веќе следната година. Дури и Rolss-Royce ветува дека ќе лансира луксузен електричен автомобил до средината на деценијата.