Може ли германските електрични автомобили да ја загрозат доминацијата на Tesla?
Германските автомобилски компании, наместо во дизел мотори, сè повеќе инвестираат во електрични возила, па наскоро на пазарот ќе пристигнат автомобили кои би можеле да бидат посупериорни од возилата на Tesla
Иако се уште со години сме далеку од денот кога електричните автомобили ќе доминираат на патиштата, сепак на сите во автомобилската индустрија им е сосема јасно во која насока се движи пазарот, па ако сакаат да ги преживеат големите промени, треба да инвестираат големи пари во развој на електрични автомобили кои во иднина би биле конкурентни.
Кога се зборува за електрични возила, овој пазар сега за сега „припаѓа“ на Илон Маск и Tesla која го освои пазарот на луксузни автомобили со модели како Model S и Model X, иако најголемото внимание кон себе компанијата го сврте со лансирањето на ценовно најприфатливиот Model 3. Со овој модел Tesla требаше да го отвори овој пазар за луѓето кои сакаат електричен автомобил, а досегашните модели им биле премногу скапи.
Иако сите, од новинари, експерти, клиенти, имаат само пофални зборови за ова возило, проблемот е во тоа што неговото производство во моментов не може да ја задоволи побарувачката, па дел од оние кои сакаат да купат електрично возило би можеле да одлучат за некои од конкурентски модели.
Такви автомобили има се повеќе и повеќе, а според Bloomberg, најголемата закана за Tesla доаѓа од Германија: „Возилата што сум ги видел се многу посупериорни во однос на она што го има Tesla“, коментираше неодамна директорот на американскиот AutoNation, Мајк Џексон.
Тој додава дека овие компании се во голема транзиција и, наместо дизел автомобили, се повеќе инвестираат во возила на електрична енергија – Volkswagen подготвува модели од ID серијата на електрични возила, Mercedes го подготвува електричниот SUV EQ C, додека Porshe има големи планови со Mission E. Овие автомобили ќе се појават на пазарот веќе следната година и ќе биде интересно да се види како ќе конкурираат на Tesla и луксузните модели на оваа компанија.
Според прогнозите на аналитичката компанија IHS Market, Tesla и понатаму ќе задржи добар дел од пазарот поради одличната појдовна позиција „која новата конкуренција нема да ја негира“, вели аналитичарката на автомобилската индустрија Стефани Бринли. Сепак времето во кое возилата на Tesla се синоним за електрични автомобили полека поминува.