Претставен новиот амблем на групацијата Stellantis / ВИДЕО
Официјалното лого на Stellantis е разумен и очекуван чекор во низата потези што вклучува комплетирање на спојувањето на двата мултинационални концерни
Двата автомобилски гиганти, PSA и FCA, пред повеќе од една година ја објавија спектакуларната вест за спојување во еден конгломерат кој би имал рамноправна „фифти-фифти“ структура на „капитал“, со кој се формира мега-субјект со потенцијал да се натпреварува за место меѓу трите најголеми светски производители. Името Stellantis беше официјално објавено во јули, за деновиве и официјално да биде претставено логото на новата компанија.
Името Stellantis е всушност дериват и потекнува од збор од латинскиот јазик. Тоа е зборот „stello“, што може да се преведе како „осветлено со sвезди“. Сега презентираната визуелна идентификација може да се толкува како носител на „дух на оптимизам на енергија и обнова“ и симболизира „разновидност и иновативност на компанијата предодредена да биде еден од лидерите на новата ера на одржлива мобилност“.
Официјалното лого на Stellantis е разумен и очекуван чекор во низата потези што вклучува комплетирање на спојувањето на двата мултинационални концерни. Конечното финализирање на сложената постапка се очекува во првиот квартал од 2021 година и тоа подразбира конечно „да“, како од собранието на акционери на групацијата PSA, така и од колегите од групата FCA. За да може да се реализира гласањето, се планира свикување вонредни седници на собранијата на акционери.
Неодамнешните извештаи на европските медиуми укажуваат дека опсегот на возила што ќе бидат вклучени во унифицираниот каталог на споменатите конструктори ќе биде осиромашен за некои, сè уште актуелни модели. Фокусот на новоформираната група ќе биде на Кина, како најголем светски пазар, каде што Stellantis, барем во почетната фаза, ќе понуди мноштво возила со ознаки на различни брендови, модели и архитектури.
Со своето создавање, Stellantis сигурно ќе стане четврти најголем глобален производител, што не е изненадувачки затоа што под иста капа ќе стави такви легендарни брендови како што се Peugeot, Citroen, Opel, Ram, Alfa Romeo, Fiat и Jeep.