Овој викенд e посебен. Барем за нас фановите на Formula 1

Патеката во Бахреин од неодамна се здоби со статус на безбедно пристаниште воFormula 1, особено поради тековните проблеми со пандемијата. Оваа недела ќе ја следиме третата трка во Сакир во само четири месеци, а тука беа спроведени и предсезонските тестови.

За жал, на многумина пред очи се уште им е несреќата од минатогодишното Гранд При на Бахреин и болидот во пламен од кој злегува Ромен Грожан, за среќа само са мали на рацете. Но, секое зло за добро, безбедносните услови по овој настан дополнително се подигнати на повисоко ниво.

Пред-сезонското тестирање не понуди големи изненадувања. Рака на срце и не можеше да се очекува повеќе, бидејќи ретко се случува тимовите во нив да влезат со полна сила.

Ажурирањето на болидот на Red Bull од минатата сезона засега изгледа одлично. Темпераментен за возење, минатогодишниот RB16, видливо е дека може многу повеќе. Макс Верстапен и досега завршуваше одлична работа, за разлика од Гасли и Албон, додека на Серхио Перез се ќе му дојде како сервирано на тацна. Макс и Перез имаат болид кој е полесен за возење отколку минатата година, а ако се земе во предвид потенцијалот со надградениот погонски систем на Honda, многу веројатно скриен на тестирањата, тогаш и болид кадарен за впуштање во битка за шампионски дострели.

Сепак, за поголеми дострели оваа сезона на Red Bull не му треба само сопствен труд, туку, реално, и еден Mercedes со тешкотиите кои беа видливи на тестовите, па дури и немотивиран Луис Хамилтон. Никој повеќе не му верува на Mercedes во пресрет на почетокот на сезоната, па следствено и во проблемите кои ги имаа пред две недели. Сепак, презентираните проблеми изгледаат реални затоа што имаат одредена основа во измените на правилата за 2021 година. Ова се однесува на новите правила околу подот на автомобилот, чие рамнење и намалување треба да се компензира на друг дел од болидот за да се врати посакуваната аеродинамика.

Дали Mercedes претера во стеснувањето на задниот дел од автомобилот и сега има проблеми со прегревање на менувачот и непредвидливиот заден дел? Звучат како лесно забележливи проблеми при примената на таков дизајн, па останува претпоставката дека станува збор за погрешни пресметки на симулациите, т.е. различно од реалната состојба. Сè на сè, на Red Bull му требаат проблеми во Mercedes, а дополнителeн импулс може да биде и претстојниот прекин на решавањето на проблемите и развојот на овогодинешните болиди за да се сврти фокусот кон 2022 година.

Можеби најголемата мистерија по тестирањето останува Ferrari, кој исто така, многу веројатно, не ја покажа целата моќ на ажуриранта погонска единица. Дека има солиден напредок потврдуваат и возачите од тимовите. Намалувањето на дефицитот во коњски сили, аеродинамичните елементи кои, наводно, го „излечиле“ силното завлекување односно новото гориво, звучат ветувачки за бодрбата со најдобрите.

Рака на срце напредок, и тоа добар има и кај другите. На пример, Aston Martin и McLaren го чекаат Ferrari на првата борбена линија од борбата за третото место во поредокот.  Ferrari e минато за Себастијан Фетел, па сега може да биде помирен и поопуштен, под помалку притисок. Нема доволно километри со новиот болид, но да не заборавиме… па тој е четирикратен шампион. Би било убаво да се види Фетел како во деновите во Red Bull, но АМR21 е сè во моментот, само не Red Bull. Ќе биде интересно да се види како Фетел ќе го скроти својот нов болид.

Според Зак Браун, Mclaren сега има сè, т.е. потребно е само уште време се да се синхронизира. Враќањето во Mercedes овој пат е чисто клиентски, а тука е и возачот со искуство и победи – Даниел Рикиардо. Неговото место во Renault го зазеде Фернандо Алонсо, ветеран со одлична мотивација и „нов“ тим, кој исто така има за цел барем редовно да влезе во последната квалификациска рунда. Но, според Алонсо, Alpine се уште не е на тоа ниво оваа година, барем не за редовно влегување во Q3.

Тимот кој исто така има солидни тестови е AlphaTauri. Шефот на тимот, Франц Тост, најавува амбициозен влез во првите пет во поредокот и останува да се види како новиот младинец на Red Bull, Јуки Цунода, успеал да се прилагоди на Formula 1. Јуки е „последната желба на Honda” пред Јапонците повторно да ја напуштат Formula 1. Дното на табелата треба да го предводи Alfa Romeo, во која го имаме задоволниот Кими Рикконен, кој доста ревносно ги одработи предсезонските тестови.

Williams сврте нова страница во историјата и останува да се види кои чекори ќе ги преземе новото раководство гледајќи кон 2022 година. Постојат гласини за враќање на Renault, но затоа потоа. На крајот доаѓаме до Haas од каде јасно беше наведено дека болидот годинава повеќе нема да се развива затоа што заостанувањето зад другите е преголемо и дека фокусот на развојот е веднаш ставен на 2022 година. Но Haas има двајца дебитанти, а дебито на синот на легендата, Мик Шумахер, се чини е нешто што се очекува со нетрпение.

Да се вратиме на првата трка. Големата награда на Бахреин се одржува во еден типичен период од сезоната во Formula 1, но температурите на почетокот и на крајот на годината се и онака доста слични, па податоците од претходните трки се уште се релевантни покрај неодамнешното тестирање.

Еден од ризиците што е присутен, но многу добро познат и очекуван во текот на целата година, е песокот што го носи ветерот на патеката од околната пустина, што секако може да ја контаминира површината на патеката и да го намали грипот. Таков беше случајот на тестовите. Трката започнува во 17:00 часот по наше време, по зајдисонцето и се вози под рефлекторите, со температури на патеката што може да паднат прилично брзо откако ќе започне трката. Ова во голема мера влијае на однесувањето на гумите, а со тоа и на стратегијата. Распределбата на гумите е иста како и на трката пред четири месеци, само со изменета, т.е. поцврста мешавина. Познато е дека асфалтот на оваа патека, со голем удел на гранит, е абразивен, со што се зголемува абењето и пропаѓањето на гумите. На трката од минатата година, победничката стратегија беше со две застанувања. Патеката во Сакир бара одлична тракција и сопирање, а во помала мера и прилагодување за големите странични оптоварувања.

Минатата година во Сакир победи Луис Хамилтон во една прилично хаотична трка. Mercedes има шанса да го достигне Ferrari по бројот на победи (6), а Луис Хамилтон да стане најуспешен возач со пет победи. 

https://youtu.be/FhZxM6jNz8A