Моделот XCeed е типичен доказ за тоа дека SUV вирусот не ја одмина ниту Kia, а новитетот во гамата кој е заокружување на семејството Ceed е приказ на тоа што се добива кога на компактна платформа ќе и се подигне суспензијата и малку ќе се променат параметрите

Моделот XCeed е изграден на компактната платформа на Ceed и со тоа влегува во трендовската класа на SUV-кросовер изведби, а крајниот производ дефинитивно, барем според нашето мислење, е одличен. 

Карактеристичните додатоци почнувајќи од заштитите на лаковите на тркалата, помасивните браници, но и надолжните шини на покривот, се елементи кои му даваат на возилото робусност на еден SUV. Xceed всушност е на половина пат до SUV-C сегментот, исто како што моделот Stonic е на половина пат до SUV-В сегментот. 

Ако направиме компарација помеѓу класичниот компактен Ceed, потоа караванскиот Ceed SW и shooting brake верзијата Proceed, најновиот член на семејството е дефинитивно „најтеренскиот“.

Бидејќи сите ја користат истата платформа, погонот на сите тркала не е ниту опција. Сепак, XCeed е малку поудобен, што може да се види и од малку поголемите надворешни димензии во однос на компактниот Ceed (+85 mm во должина или +48 mm во висина).

Со складни пропорции и повисоко подвозје дополнително кренато за 42 mm (вкупно 174 mm ако возилото е поставено на тркала од 16 инчи односно 184 mm ако е поставено на 18-инчни тркала), XCeed веројатно е најатрактивниот член на семејството Ceed и дизајнерски значително се разликува од стандардниот Ceed, како напред, така уште повеќе позади.

Генерално, сè што е напишано за Ceed важи и за Xceed, започнувајќи од уверливиот звук на затворање на вратата што го потенцира впечатокот за безбедност, потоа квалитетните материјали во внатрешноста, прецизните споеви… Крајниот производ е многу коректно составен, ергономијата е за пофалба, а со се она што го нуди пакетот Launch Edition кој ние го имавме на располагање, не сте далеку ниту од премиум сегментот.

Тест-моделот вклучува 6 воздушни перници, ЕЅС-систем за контрола на стабилизација на возилото, EBD-ABS-контрола на силата на сопирање и спречување на блокирање на тркалата при ненадејно сопирање, BAS-обезбедува максимална сила на кочење при ненадејно сопирање, HAC-помош при тргнување на нагорнина, VSM-систем за стабилизација на возилото, ESS-уред за вклучување на сите трепкачи при ненадејно сопирање, FCA систем за автономно запирање, LKAS систем за одржување на возилото во сообраќајна лента, LED предни и задни светла, ЅРА-систем за автоматско паркирање, задна камера ва паркирање, адаптивен темпомат, инструмент табла со 12.З” TFT LCD дисплеј, систем за навигација со 10,25″ дисплеј осетлив на допир од мултимедијалниот систем компатибилен со Apple Car Play и Android A uto, полу кожни седишта, греење на седишта и управувач, вентилација на седишта, кожен ентериер, панорамски сончев кров, JBL аудио систем со екстрен засилувач и subwoofer, автоматска двоозонска клима, електрика на предни и задни прозори, електрично ретровизори со греење и LED трепкачи, безжичен полнач за телефон, алуминиумски фелни од 18 инчи… Зарем може да се посака повеќе.

Под капакот на моторот се наоѓа1.4 литарски турбо бензинец со четири цилиндри чија моќност од 140 КС до предните тркала се испраќа преку автоматски DCT7 менувач со двојна спојка кој е во одлична синергија со моторната единица. Сето тоа во пакет е доволно за забрзување до стотка за 9,5 секунди и максимална брзина од 200 km/h. Со други зборови, пристоен потенцијал за отворен пат, во што можевме да се увериме на автопатот Скопје-Гевгелија особено кога од Normal режим на возење ќе се префлите на Sport.  

Со повремено брзо претекнување, побрзо или побавно темпо, во зависност од густината на сообраќајот, ограничувања, префрлувања од Normal во Sport режим на возење, патот Скопје-Гевгелија-Скопје го минавме со просечна потрошувачка од 8.0 l/100 km, што по наше мислење и она што го располагавме е пристоен резултат. Во градски услови оваа вредност беше нешто поголема – 8,5 литри.

Посебни пофалби за изолацијата на салонот бидејќи моторот скоро и да не го слушате, потоа системот за одржување на возилото во сообраќајната лента, кој работи совршено, дури и при дожд (во што можевме и сами да се увериме), со суптилни интервенции на управувачот. Позитивно мислење и адаптивниот темпомат, автоматските LED светла…

За разлика од компактниот Ceed, кросоверот има малку помека суспензија, а претходно го споменавме и зголемениот клиренс за 42 mm. Логично е, според тоа, телото да се навалува малку повеќе во свиоци, но не толку да го исфрли од баланс.

За примерна возна динамика влијание имаат и големите 18-инчни тркала со нископрофилни гуми (235/45), кои надополнети со одличната работа на суспензијата и хидрауличките пригушувачи, изненадувачки добро ги впиваат нерамнинеите на наштите патишта, особено во градски услови.

Прегледноста напред е задоволителна, назад нешто помала (се се компензира со камерата за поглед назад и сензорите за паркирање), а седењето во салонот е поблиску до она во компактен автомобил, отколку како кај теренец.

Возачкото седиште се движи во сите правци така да сосема сигурно секој кој ќе седне зад воланот ќе ја најде својата идеална позиција. Toa е воедно и првиот показател на посветеноста кон удобноста на корејскиот кросовер. Генерално, 2+2 возрасни патници, не преголеми позади :), удобно ќе патуваат, а дополнителните литри волумен на багажникот се секогаш добредојдени. XCeed нуди дополнителни 31 литар споредбено со Ceed, или вкупно 426 литри, што не е рекорд, но е задоволително. Тие лесно нараснуваат до 1.378 литри со преклопување на задната клупа.

Кога сме кај бројките, никако не смееме да заборавиме да истакнеме дека Kia ja нуди познатата седумгодишна или 150.000 km гаранција, со која се обезбедува безгрижен сон не само за првиот сопственик, туку и за следниот (зарем некој би се откажал од овој автомобил) доколку договорот за купопродажба се потпише пред истекот на гарантниот период.

На крајот… 

На пазарот за автомобили каде протагонистите се борат повеќе од една година, Kia продолжува да расте, а со XCeed може да цели и многу повисоко. Од компанијата очекуваат голем допринос во вкупната продажба на брендот. Да, Xceed е нов во сегментот, но со врвен дизајн и адути кои треба да бидат привлечни особено за оние кои сеуште размислуваат дали воопшто им е потребен SUV автомобил, а сепак би ги добиле неговите возни карактеристики и поглед на патот од повисоко.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

Технички карактеристики

KIA Xceed 1.4 T-GDI 140 DCT Launch Edition


Мотор: 1.4 T-GDI EURO 6D-TEMP
Tип: Бензински
Зафатнина: 1.353 cm3
Моќност: 103 kW/140 КС
Вртежен mомент: 242 Nm / 1.500 – 3.200 вртежи во минута
Менувач: Автоматски DCT7 (седум брзини) со двојна спојка
Забрзување од 0-100 km/h: 9.5 секунди
Максимална брзина: 200 km/h
Должина: 4.395 mm
Ширина: 1.826 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1/485 mm
Тежина: 1.345 kg
Меѓуоскино растојание: 2.650 mm
Багажен простор: 426 – 1.378 литри
Потрошувачка (фабрички): 5.3/5.9/6.9 l / 100 km (отворено, комбинирано, градска)
Потрошувачка комбинирано (наше мерење): 8.5 l / 100 km
Цена на тестираниот модел: 32.300 евра
Повеќе информации за останатата понуда и цени: kiamotors.com.mk