На списокот се вклучени компании кои „ја кројат нашата колективна иднина“

Time, еден од највлијателните магазини во светот, во својот најнов број, меѓу другото, се занимава и со тоа кои се највлијателните 100 компании во светот. 

Станува збор за компании кои имаат исклучително големо влијание на глобално ниво, а на списокот има и четири автомобилски компании: германски Volkswagen, американските General Motors и Tesla и кинескиoт BYD.

General Motors се нашол во категоријата наречена Titans, а шефот на компанијата Мери Бара е на насловната страница. Американската компанија е вклучена во листата заради својот придонес кон инженерингот на позелена иднина, со јасна споредба со Tesla.

Од друга страна, Tesla е вклучена во категоријата Disruptors или оние кои ги менуваат актуелните текови во индустријата и живеењето. Со оглед дека ужива статус на релативно млада компанија и лидер во секторот за обновлива енергија, нејзиното место на листата е зацементирано.

Volkswagen се наоѓа во категоријата Leaders, поради неговите напори и аспирации да стане водечка сила во EV сегментот. Треба да се напомене дека германскиот производител планира да го престигне GM, Tesla и другите компании кои произведуваат автомобили со нулта емисија до 2025 година.

BYD Co. Ltd. (Build Your Dreams) се наоѓа во категоријата Innovators. Оваа кинеска компанија, чие име всушност значи „Изгради ги своите соништа“, е поддржана од американскиот тајкун, Ворен Бафет и е меѓу светските лидери во обезбедувањето електричен транспорт во различни големини.

Од магазинот Time велат дека за составување на листата, користеле номинации во различни сектори, главно од својата глобална уредничка и дописничка мрежа, како и експерти од индустријата. Потоа, врз основа на нивната релевантност, влијание, иновативност, лидерство, амбиција и успех, се правела проценка.