Вкупната бројка за 2022 година е 10.438.024 единици или само 0,1 отсто помалку отколку во 2021 година

Toyota е најпродаваниот производител на автомобили во светот во 2022 година, успешно надминувајќи ги проблемите поради Ковид пандемијата и недостигот на полупроводници за да пласира на пазарот речиси 10,5 милиони возила помеѓу јануари и декември.

Вклучувајќи го обемот од неговите подружници, Daihatsu и Hino, производителот на автомобили продал вкупно 10.438.024 возила, што е повеќе од 2 милиони единици пред групацијата Volkswagen, која податоци за продажбата во 2022 година објави претходно овој месец (8,3 милиони возила или 7% помалку во однос на 2021 година).

Додека глобалното производство всушност се подобри за 5 отсто или 10,6 милиони, вкупната продажба на Toyota во 2022 година е намалена за 0,1 отсто во однос на бројките од 2021 година, а продажбата во Јапонија е намалена за 9,6 отсто или 1,9 милиони. Но, спротивно на тоа разочарување е силната извозна продажба која пораснала за 2,3 отсто или 8,58 милиони.

За жал на Toyota, тој раст на извозот не доаѓа од САД. Пред неколку недели беше јасно дека Toyota North America (вклучувајќи го тука и Lexus) продала 2,1 милиони возила во текот на 2022 година, што е импресивно достигнување во изолација, но претставува речиси 10 отсто пад во однос на билансот од претходната година, а што од друга страна е причина за враќањето на General Motors на лидерската позиција (раст на продажбата за 2,5 проценти).

Од Toyota велат дека силната побарувачка во Азија е во голема мера одговорна за тоа што компанијата успеала да ги задржи своите вкупни перформанси во голема мера во согласност со нејзините достигнувања во 2021 година додека се борела со ограничувањата во однос на снабдувањето со материјали. Тие проблеми сè уште се присутни и го ограничувале производството на Toyota во декември 2022 година, а производителот на автомобили вели дека „ситуацијата останува тешка“. Но, како и повеќето производители на автомобили, така и во Toyota очекуваат тие прекини во снабдувањето да се намалат во втората половина од 2023 година, па од таму и очекувањата за продажба на преку 10,6 милиони оваа година.