Tesla Model 3 пред Audi A4, BMW Серија 3 и Mercedes C-класа во Германија
Во моментов автомобилската индустрија е погодена од недостаток на чипови, но и покрај тоа, вистинскиот шок за германското „тројство“ е фактот што, „на домашен терен“ во Германија, тие се надминати од Tesla и Model 3
Во септември во Германија се продадени 6.100 нови единици од Audi A4, BMW Серија 3 и Mercedes C / CLA-класа. Истиот месец, продажбата на Model 3 била 6.800 единици. За да се добие поширока слика, во месец септември, Audi продал само 900 единици од А4, Mercedes 2.200 од С и CLA минатиот месец, а најдобро минал BMW со продадени 3.000 единици од Серија 3.
Интересно е што ова се случува пред отворањето на новата фабрика на Tesla во Грунхајде. Не е ни чудо што Херберт Дис, извршниот директор на групацијата Volkswagen, минатата недела на своите врвни менаџери им навел дека компанијата мора да ги демонтира своите стари фабрики и да ги замени со нови, поефикасни производствени капацитети, доколку компанијата сака да остане конкурентна на Tesla во иднина.
Во суштина, работата е многу едноставна. Станува збор за премин од возила со фосилни горива на електрични возила.
„Во септември 2020 година, BMW, Audi и Mercedes се уште можеа да продадат повеќе од 11.000 возила со внатрешно согорување во наведениот сегмент, што е речиси двојно повеќе од септември 2021 година“, наведува Wirtschaftts Woche.
Електичната револуција почнува да зема замав и во Германија – минатиот месец се продадени 41 отсто помалку возила со фосилно гориво во споредба со истиот период минатата година. Продажбата на дизели се намалила за 54 проценти на годишно ниво, што го одразува искуството на Норвешка, каде продажбата на дизел речиси исчезна. Од друга страна, продажбата на хибриди се зголемила за 11 проценти, plug-in хибридите за 14 проценти, додека продажбата на чисти електрични возила се зголемила за неверојатни 59 проценти.
Доколку германското „тројство“ не успее да ја зголеми продажбата на своите автомобили со мотори со внатрешно согорување, нивната иднина е многу загрозена. И додека Volkswagen и Mercedes размислуваат за електрична иднина, се чини дека BMW „се одмара на лежалка“ убедени дека електромобилите се само минлива фаза на автомобилската индустрија.