Stellantis ги откажа договорите на сите досегашни европски дистрибутери
Stellantis објави дека раководството на групацијата одлучило да ги откаже договорите што ги имаа одделни брендови со дистрибутивните мрежи во Европа
На тој начин се пристапува кон нова прераспределба на моќта на пазарот на Стариот континент, со забелешка дека одлуката, во согласност со важечките договори, ќе стапи на сила за две години.
Големите деловни претумбации и неочекувани одлуки не се ништо ново, откако на чело на групата PSA е португалскиот гуру во автомобилската индустрија Карлос Таварез. Само како потсетување дека пред неполни четири години се случи преземањето на Opel од страна на францускиот гигант, за потоа да бидеме сведоци на спојувањето на PSA со италијанско-американската групација FCA, а со тоа и создавањето на Stellantis како еден од најголемите глобални производители на автомобили.
Затоа воопшто не е изненадување оваа прилично сензационална вест, според која сите дистрибутери во европската мрежа остануваат без договор со Stellantis. Почнувајќи од следниот месец, ќе започне двегодишен преоден рок утврден со договорот за застапување. Така, трговците имаат време да ги прилагодат своите идни активности, без или со минимални финансиски загуби.
„Новата дистрибутивна мрежа ќе се формира наскоро потоа, додека критериумите за избор ќе бидат објективни и ќе се однесуваат на клучните фактори“, потврди Stellantis. Оваа одлука не ја ускратува можноста досегашните дилери да аплицираат на конкурсот, но и тие, како и сите други, ќе мораат да ја поминат фазата на избор пред повторно да добијат дозвола за трговија со производите на гигантскиот автомобилски конгломерат.
Во деловна смисла, ова е многу интересен потег од страна на бордот на директори на Stellantis. Исто така, може да се сфати на начин дека компанијата има намера да ја централизира трговската активност и да ги намали трошоците, паралелно со концентрацијата (окрупнување) на претставниците на дистрибутивната мрежа, како на нови така и на користени возила.