Red Bull и Alfa Romeo ги претставија болидите за новата сезона! / ФОТО+ВИДЕО
Red Bull на социјалните мрежи го покажа новиот болид за претстојната Formula 1 сезона која започнува за околу еден месец во Бахреин. Името на новиот болид е RB16B што укажува на тоа дека новитетот е само ажурирање на минатогодишното возило
Оваа година болидот на Red Bull Racing ќе го возат Макс Верстапен и Серхио Перез, а тимот се надева дека овој возачки тандем, секако со некои подобрувања на болидот, ќе може подеднакво да им парира на возачите на Mercedes и да се вклучи во борбата за титулата. Последен пат Red Bull беше светски шампион во Formula 1 во 2013 година.
⏯ And now for the B-Side ? Meet the RB16B #ChargeOn ? pic.twitter.com/2XrH3G4AP0
— Red Bull Racing (@redbullracing) February 23, 2021
Сезоната, која започнува за нешто повеќе од еден месец, ќе биде последна во оваа ера за Honda. Јапонскиот производител одлучи да се повлече од Formula 1, но Red Bull веќе договори преземање на технологијата и во периодот од 2022 година до крајот на 2024 година ќе биде независен кога станува збор за погонските единици. Во овој период ќе биде забранет развојот на моторите.
Во пресрет на новата сезона, во Варшава беше претставен и новиот болид на Alfa Romeo (C41), кој и оваа сезона ќе го возат Кими Раиконен и Антонио Џовинаци.
Фредерик Васер му се заблагодари на нивниот главен спонзор ORLEN за гостопримството во Варшава и вели дека се надева оти оваа сезона ќе биде подобра од минатата.
„Како прво, би сакал да му се заблагодарам на нашиот партнер ORLEN за гостопримството на оваа прекрасна сцена. Зимата беше доста напорна и се надевам дека ќе дојдеме во Бахреин целосно подготвени за претстојната сезона.
Не би поставил никакви цели, но дефинитивно сакаме да стигнеме до подобра позиција во споредба со минатата сезона. Се надевам дека со добра работа ќе можеме да стигнеме барем до средината на поредокот и да се бориме за бодови на повеќето трки“, вели Васер.
Hello, you beauty.?#C41 #AlfaRomeoRacing #ORLEN pic.twitter.com/4GuSUI9O0Z
— Alfa Romeo Racing ORLEN (@alfaromeoracing) February 22, 2021
Кими Раиконен и Антонио Џовинаци изразуваат задоволство од изгледот на новиот болид, кој е сличен со минатогодишниот, со исклучок на задниот крај на автомобилот каде што се „заменети“ црвената и белата боја во споредба со минатата година.
„Секогаш е убаво да се види нов болид, но засега не знаеме како стоиме во споредба со нашите конкуренти. Да се надеваме дека ќе бидеме во подобра позиција од минатата година, но вистинската состојба ќе ја видиме на тестовите и на првата трка за неколку недели“, вели Кими.