Политичка војна во Formula 1
Formula 1 влезе во политичка војна. Вака барем пишуваат медиумите во Италија, повикувајќи се на скандалот што избувна по објавувањето на договорот меѓу FIA и Ferrari за погонскиот систем на Scuderia
Објавата од минатата недела предизвика силно незадоволство кај многу тимови. Седум од нив испратија писмо до FIA, барајќи од федерацијата јавно да го обелодени договорот со Ferrari.
Од FIA одговорија дека по истрагата, иако не биле целосно уверени во легалноста на моторот во болидите на Ferrari, одлучиле дека понатамошно дејство нема да доведе до цврст заклучок за случајот. Причината е сложеноста на проблемот и неможноста да се обезбедат недвосмислени докази за повреда на правилата од страна на Ferrari.
„Ова сега е војна. Војна за политичко влијание и пари“, пишува La Gazzetta dello Sport. Уште едно популарно издание, La Repubblica, верува дека со договорот FIA едноставно покажува дека не е доволно компетентна во некои технички области.
„Она што се случи е слабост на FIA“, пишува La Repubblica. „Федерацијата нема знаење да се справи со сложените техники со кои се занимаваат дузина инженери во секој тим“.
Според Хелмут Марко од Red Bull, ситуацијата е скандалозна. „Целата работа почнува да добива размеи на скандалот со FIFA“, рече Австриецот. Тој се осврнува на скандалот со корупцијата во фудбалската централа пред неколку години.
„Во која било друга асоцијација, ова би било политичко самоубиство од страна на Жан Тод. FIA дискредитира еден спорт во кој инвестираме трицифрени милионски суми секоја година “.
Mercedes прв запонува постапка против Ferrari, Red Bull бара отштета
Првиот човек на Mercedes е првиот кој ги собра тимовите со цел да се добие објаснување за тајниот договор направен помеѓу италијанскиот тим и FIA
за спецификацијата на минатогодишниот агрегат. Сите ривали се сомневаат дека италијанскиот тим успевал да постигне поголем проток на гориво од дозволеното, со што болидот добивал на перформанси.
„Целата оваа ситуација е вистински хаос“, вели шефот на Mercedes. „Тоа што го направи Ferrari не е убаво, но исто така не е убаво како се однесува FIA. Сите други тимови се загрижени“.
Ако поради оваа ситуација му се изрече некаква казна на Ferrari, тоа сигурно нема да влијае на Mercedes, туку на Red Bull, кој заврши веднаш зад италијанскиот тим минатата сезона. Поради тоа Хелмут Марко ќе бара надомест на штета од 24 милиони долари колку што е разликата во наградите за второ и трето место.
„Однесувањето на FIA е скандалозно. Веќе разговаравме со тимскиот шеф Кристијан Хорнер, кој може да тужи и да бара обештетување од 24 милиони долари, колку што е разликата во наградите за второ и трето место. Неверојатно е она што го читаме во изјавата од FIA“.