Кина соопшти дека од 1-ви јули оваа година ги намалува увозните давачки за автомобили од 25% на 15%

Одлуката е резултат на напорните преговори со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој се чини го притисна Пекинг за пофер трговски услови. По заканите за трговска војна, двете страни постигнаа решение минатата недела во Вашингтон.

Со ваквата одлука на Кина, секако најмногу ќе профитираат германските гиганти во премиум сегментот, Mercedes-Benz, BMW и Audi. Намалувањето на царинските давачки директно ќе го зголеми нивниот профит и ќе им овозможи да одржат поконкурентни цени во Кина отколку нивните локални ривали, велат експертите од индустријата за Reuters.

Кинеското министерство за финансии, кое ги објави промените, истите ги оквалификува како обид да се отвори кинескиот пазар и да се стимулира развојот на локалниот авто сектор во поконкурентна средина. Од Audi коментираат дека ја поздравуваат либерализацијата и отворањето на кинескиот пазар, а портпаролот на BMW за веста коментира дека е „јасен сигнал дека Кина ќе продолжи да се отвора“.

„Придобивките за нашиот бизнис ќе бидат огромни, особено за Infiniti“, вели портпаролот на Nissan за Reuters, но исто така верува дека и Германците ќе го почуствуваат позитивниот ефект.

Владата во Пекинг исто така ги намалува и царините за увоз на автомобилски делови – од 10 на 6 отсто.