Од Benz до Koenigsegg: светскиот брзински рекорд за сериски автомобили низ историјата
Достигнувањето на SSC Tuatara е подобро за цели 489 km/h од првиот рекорд
Малкумина веруваа дека едно вакво остварување воопшто е можно. На 10 октомври, сепак, SSC Tuatara успеа не само да го собори официјалниот светски брзински рекорд на Koenigsegg Agera RS (и неофицијалниот на Bugatti Chiron), туку и да ја надмине бариерата од 500 km/h. Колку ли е само тоа голем напредок споредбено со првиот рекорд – 19 km/h, поставен од Benz Velo пред 126 години! Историјата на овој рекорд е историја на напредок и инспирација во автомобилската индустрија, па затоа вреди да се потсетиме на неа.
19 km/h – Benz Velo (1894)
Првиот сериски автомобил, произведен во околу 1.200 единици, се напојува со 1-цилиндерски мотор со зафатнина од 1.045 cm3 и моќност … една и пол „коњска сила“.
200,5 km/h – Jaguar XK120 (1949)
Брзинскиот рекорд е подобрен многу пати помеѓу 1894 и 1949 година, но сè уште нема утврдени правила за мерење и потврда на остварувањата.
Првото официјално достигнување е со моделот XK120, придвижуван од реден мотор со шест цилиндри со волумен од 3,4 литри и 162 КС. Специјално подесената верзија достигнува дури 214 km/h, но како рекорде забележен оној на серискиот автомобил – 200.5 km/h.
242,5 km/h – Mercedes-Benz 300SL (1958)
Тестот е направен од Automobil Revue со сериски автомобил, со 3-литарски реден мотор со шест цилиндри и 215 КС.
245 km/h – Aston Martin DB4 GT (1959)
Тест на изданието за авто спорт. DB 4 GT се напојува со 6-цилиндерски мотор со волумен од 3.670 cm3 и 306 КС.
259 km/h – Iso Grifo GL 365 (1963)
Компанијата производител на овој модел – икона одамна не постои. Но, достигнувањето останува, снимено на тест реализиран од магазинот Autocar. Iso Grifo GL 365 има 5.4-литарски V8 со 365 КС.
266 km/h – AC Cobra Mk III 427 (1965)
Тест на Американците од Car & Driver. Под хаубата, третата верзија на Cobra има 7-литарски V8 со 492 КС.
275 km/h – Lamborghini Miura P400 (1967)
Првиот суперавтомобил во историјата има V12 со волумен од 3,9 литри и максимална моќност од 355 КС.
280 km/h – Ferrari 365 GTB / 4 Daytona (1968)
Повторно тест организиран од Autocar. Daytona има 4.4-литарски V12 со 357 КС.
288,6 km/h – Lamborghini Miura P400S (1969)
Феручио Ламборџини сака да го каже последниот збор во неговата војна со Енцо Ферари. Рекордот на S-верзијата на Miura (со максимална моќност од 375 КС) ќе трае 13 години пред да биде подобрен од друго Lamborghini.
293 km/h – Lamborghini Countach LP500 S (1982)
Тест на германскиот автоклуб. Овој најмоќен Countach има 4.75-литарски V12 со 380 КС.
305 km/h – Ruf BTR (1983)
Оваа креација на Алоис Руф, произведена во околу 30 единици, е првиот „сериски“ автомобил кој официјално ја надминал границата од 300 km/h. Автомобилот го придвижува боксер со 6-цилиндри со турбо и 374 КС.
319 km/h – Porsche 959 (1986)
Првиот вистински суперавтомобил на Porsche, со twin turbo и максимална моќност од 450 КС.
342 km/h – Ruf CTR (1987)
Позната како „Жолтата птица“, оваа силно модифицирана верзија на Porsche од Ruf располага со 469 КС, а рекордот е поставен на патеката Нардо.
355 km/h – McLaren F1 (1993)
Првиот хиперавтомобил од 90-тите има 6-литарски V12 со 627 КС. Рекордот е поставен од страна на изданието Car and Driver, од каде, тогаш, тврдат дека кога ќе се исклучи ограничувачот на брзината, автомобилот е способен да подигне до 386 km/h.
387,87 km/h – Koenigsegg CCR (2005)
Дури и со брзиот развој на технологијата, потребно било да помине повеќе од една деценија пред да падне рекордот на McLaren F1. Koenigsegg CCR се придвижува со 4.7-литарски V8 со два компресори и 817 КС.
408,47 km/h – Bugatti Veyron EB (2005)
Радоста на Швеѓаните трае само шест недели пред на сцената да се појави конечно завршената „фикс“ идеја на Фердинанд Пиех. Veyron е првиот сериски автомобил со над 1.000 коњски сили максимална моќност – всушност 1001, добиен од 8-литарски W16 со четири турбо полначи.
412,28 km/h – SSC Ultimate Aero TT (2007)
Рекордот е поставен на стандарден автопат во близина на Сиетл (секако привремено затворен за сообраќај), а потврден и од Гинис. Автомобилот се напојува со 6.3-литарски V8 со компресор и 1.199 КС.
431,07 km/h – Bugatti Veyron 16.4 Super Sport (2010)
Една од само 30-те произведени и „набилдани“ верзии на Veyron, во кои моќноста е зголемена на 1.199 коњски сили. Рекордот е потврден и од Гинис.
447,19 km/h – Koenigsegg Agera RS (2017)
Основната Agera RS има моќност од 865 киловати, или 1.176 коњски сили. Сепак, компанијата направи и 11 автомобили со капацитет од 1 МW – 1.400 КС. Со еден од нив, Никлас Лиља во ноември 2017 година го поставил светски рекорд во ноември 2017 година.
508,73 km/h – SSC Tuatara
Со возачот Оливер Веб зад воланот, ЅSC Tuatara достигна максимална брзина од 484,53 km/h во првиот обид и неверојатни 532,93 km/h во вториот. Така, според регулативата за светски рекорди, е забележан просечниот резултат – 508,73 km/h.
Неофицијални рекорди!
Bugatti Chiron, 490 km/h, есента 2019 година – e еден од списокот на потполно реални рекорди, но непризнати во книгата за достигнувања. Листата вклучува автомобили како Maserati 5000 GT, Ferrari 288 GTO, Vector W8, Jaguar XJ220 и Hennessey Venom GT.