Меркел со големо предупредување за европската автомобилска индустрија
Производството на батерии за електрични автомобили ќе биде од голема важност за Европа во текот на следната деценија и време е ЕУ да отпочне сопствено производство
Промените во автомобилската индустрија не се толку брзи како на пример во индустријата на мобилни телефони која е многу динамична и работите постојано се менуваат. Сепак на сите кои го следат овој пазар, сосема им е јасно во која насока се движи индустријата и какви промени може да се очекуваат. Најголемата промена, се разбира, е фокусот на електричните автомобили (а потоа и автономните возила) па во последните години најголемите автомобилски компании ги презентираат своите електрични возила и најавуваат нови модели за иднината.
Mercedes, BMW, Audi, Volvo и многу други компании веќе некое време развиваат автомобили на електрична енергија, а иако електричните возила нема наскоро да ги заменат бензинците и дизелите, првите од многуте чекори кон целосно електрична иднина веќе се направени.
Најголемиот проблем кај овие автомобили се батериите – освен малиот досег во однос на бензинците, проблемот е застанувањето на полначници (сеуште нема доволно, иако нивниот број се зголемува), и времето потребно за полнење, иако благодарение на брзите полначи и во оваа област има напредок.
Сите овие проблеми со текот на времето, би требало да се решат, а според Ангела Меркел, Европската унија има уште еден проблем што треба да се реши што е можно поскоро – производството на батерии за е-автомобилите.
Имено, како оваа индустрија се движи кон електрична мобилност, во ЕУ треба да почнат да размислуваат за производство на сопствени батерии. Меркел коментира за тоа колку е „убаво“ ако кинеските компании на територијата на ЕУ отвораат фабрики за производство на батерии бидејќи сепак тоа е производство во рамките на Унијата, но не е сигурна дека тоа „беше нашиот сон“ – Европа да не може сама да произведува батерии и уште еднаш истакнува дека производството на батерии ќе биде од „извонредна важност“ за Европа во текот на следната деценија.