Германскиот производител ја освежи понудата за својот најпродаван модели со нов дизел мотор со 122 КС и од „сопствената куќа“

Новиот основен 4-цилиндерски дизел мотор во моделите од С-класата има волумен од 1,6 литри и целосно е развиен во Mercedes, за разлика од претходниот агрегат од Renault.

Mercedes C180d со новиот дизел мотор располага со 122 КС (90 kW) достапни при 3200-4600 врт/мин, додека максималниот вртежен момент од 300 Nm е на располагање во распон од 1.400-2.800 врт/мин. Новата погонска единица е достапна исклучиво во комбинација со 9G-Tronic девет-брзински автоматски менувач.

Од Mercedes тврдат дека основниот C180d во лимузинска верзија со овој мотор од 0-100 km/h забрзува за 9,4 секунди, додека максималната брзина на автомобилот е 207 km/h. Според фабричките податоци возилото испушта 112 g CO2/km, а просечната потрошувачка, измерена во согласност со стандардот NEDC, е 4,2 l / 100 km.

Новиот Mercedes C180d веќе може да се нарача во Германија по цена од 34.914 евра за седан и 36.580 евра за варијанта караван. Купе и кабриолет верзиите со новиот дизел мотор чинат 40.066  односно 46.130 евра.

Како информација за оние кои незнаат, Mercedes на клиените во Европа им нуди вкупно 51 моделни верзии од С-класата, од кои 30 во лимузинска и караван верзија и 21 верзија во купе и кабриолет издание.