Во желбата да се биде различен и да се привлече вниманието на клиентите со провокативно рекламирање, производителите на автомобили честопати знаеле да „забегаат“

Контроверзната фотографија која Audi деновиве ја повлече по реакциите на социјалните мрежи е само една во низата проблематични реклами со кои автомобилските компании не се прославиле.

„Го слушаме вашиот глас, но да бидеме јасни: Ние се грижиме за децата“, напишаа во твитот потоа, додавајќи: „Искрено се извинуваме за оваа фотографија и ќе се погрижиме да не се користи во иднина“.

Пред само неколку месеци, Volkswagen, кој е сопственик на Audi, се најде под „лупа“ за рекламата за новиот Golf којa беше оценетa како расистичкa:

https://youtu.be/JA8zrtk2YQU

„Свои моменти“ имал и Hyundai кога во реклама од 2013 година за британскиот пазар порачува дека самоубиство во нивниот водороден модел не е можно – затоа што издувните гасови се исклучиво водена пареа. Реакцијата на јавноста сосема очекувана.

И Volkswagen имал слична „реклама за самоубиства“ која исто така предизвикала бес кај гледачите. Имено, германскиот производител поради некоја причина мислел дека е добра идеја главниот лик во реклама за моделот Polo да биде бомбаш самоубиец.

Поради неколку карикатури реклами пред неколку години се „зацрвени“ и Ford. Индискиот оддел на овој американски производител на автомобили во 2013 година мораше да се извини за навредливите рекламни карикатури објавени во таа земја, а во кои главни ликови се Силвио Берлускони, Парис Хилтон и Михаел Шумахер.

Во една од контроверзните реклами е прикажан поранешниот италијански премиер Берлускони зад воланот на моделот Ford Figo, покажувајќи „V“ со два прста како симбол на победа, додека три врзани киднапирани девојки се во багажникот.

Слоганот на огласот беше „Оставете ги вашите грижи зад вас со екстра големиот багажник на Figo“, a тоа е алузија на сексуалниот скандал во кој некогаш бил вмешан и поранешниот премиер.

Втората карикатура поради која Ford беше во центарот на вниманието, ја прикажува Парис Хилтон во слична позиција. Разликата е во тоа што во нејзиниот случај, „грижите што сака да ги остави зад себе“ се нејзините ривали од „реалниот“ свет – сестрите Кардашијан.

Третата контроверзна карикатура го покажува Михаел Шумахер по истиот рецепт, додека неговите ривали од тркачката патека се врзани во багажникот:

По бурните реакции, од Ford изјавија дека жалат за инцидентот и ги окарактеризираа контроверзните реклами како „спротивно на стандардите за професионализам и пристојност“.