Kia Motors ги претстави новините кои доаѓаат со освежениот кросовер Stonic, со кои моделот треба да ја зајакне позицијата во B-SUV сегментот во Европа

Најважната надградба е воведувањето на таканаречен „лесен“ или „благ“ хибриден погон. Тој комбинира 1.0-литарски Т-GDi турбо-бензински мотор со 48V систем достапен во два изведби кога станува збор за моќноста: 100 и 120 КС (99-118 HP / 74-88 kW). Вртежниот момент е 200 Nm кога автомобилот е опремен со 7-степен DCT (6-брзинскиот исто така е достапен) менувач. Двата типа на пренос овозможуваат возење со подобрена потрошувачка на гориво, со брзина до 125 km/h.

Надворешноста и внатрешноста на моделот се скоро непроменети, како и димензиите, но сепак новите сопственици ќе имаат голем број на можности за песoнализација. Тоа се новите комбинации на бои за внатрешноста и на каросеријата, како и новиот 8-инчен екран на допир за мултимедијалниот систем.

Покрај овие надградби, тука се и новите високо-технолошки напредни системи за помош на возачот. Новиот Stonic, во зависност од спецификациите, доаѓа со надграден ADAS (Advanced Driving Assistance Systems) односно систем за одржување на возилото во лента, систем за избегнување на фронтален судир со препознавање на пешаци, возила и велосипедисти, систем за предупредување ако возачот не внимава на патот односно е деконцентриран, систем за предупредување за возило или друг објект во слепата точка, систем за избегнување судир со објект во слепата точка, интелигентен асистент за брзината на движење на возилото…

Претставен на европскиот пазар на крајот на 2017 година, Stonic денес e четвртиот најпродаван модел на Kia (по семејството на моделот Ceed, Sportage и Picanto). Вкупната досегашна продажба во Европа е повеќе од 150.000 единици.

Новиот Kia Stonic во Европа се очекува во текот на четвртиот квартал од 2020 година, со 7-годишна гаранција или 150.000 километри, вклучена како стандард за сите модели.