Електричните тротинети се голем хит меѓу автомобилските компании
Се поголем е бројот на автомобилски компании кои претставуваат свои модели на електрични тротинети
Ниту една (голема) автомобилска компанија не сака да ја пропушти електричната револуција и се подготвуваат за големи пазарни промени кои што ќе се случат во текот на следната деценија, кога многумина со е-возила ќе ги заменат бензинците и дизелите. Но, покрај електричните автомобили, некои компании се заинтересирани и за алтернативните транспортни пазари, пред се на попопуларните електрични тротинети. Иако мислењата за ова ново градско возило се поделени, сè повеќе се оние кои автомобилите и метежот во јавниот превоз го замениле со возење на две (мали) тркала.
Неодамна Hyundai го претстави својот прв електричен тротинет кој од од конкуренцијата се разликува во две работи што може да бидат клучни за некого при купување тротинет на струја. Имено, овој електричен тротинет има различен метод на склопување, така што зазема помалку простор кога е преклопен (како куфер) и не премногу тежок (помалку од 8 кг), а она што е особено интересно е дека неговата батерија може да се полни во самиот автомобил додека возите.
Тоа значи дека кога ќе го паркирате автомобилот, го земате тротинетот од багажникот и можете да продолжите до вашата крајна дестинација со најголема брзина до 20 km/h и опсег на автономија од околу 20 километри што треба да биде доволно за повеќето корисници. Има вграден екран кој ги прикажува информациите за батеријата и брзината, како и предните и задните светла при ноќно возење.
Минатиот месец поинаков електричен тротинет претстави и Audi – нивниот e-tron hybrid е помеѓу електричен тротинет и скејтборд и наменет е да се вози со едната рака на управувачот, додека со другата, на пример, може да се даваат знаци (на пример, за насоката на движење и слично). Ова возило тежи 12 килограми и исто така може да се склопи за да биде лесно преносливо. Опсегот и во овој случај е 20 километри и брзина до 20 km/h. Неговата цена ќе биде околу 2.000 евра, а на пазарот се очекува кон крајот на следната година.
Свој модел на електричен тротинет најави и BMW – во соработка со Micro, компанијата претстави модел чија продажба треба да започне овој месец по цена од скоро 900 долари. Додека максималната брзина е стандардна и изнесува 20 km/h, по однос на автономијата заостанува зад конкуренцијата. Со едно полнење на батеријата би требало да се поминат 12 километри. Соработка со истата компанија најави и Mercedes-Benz. На Саемот за автомобили во Франкфурт тие најавија електричен тротинет, за кој велат дека е „флексибилно решение за мобилност“. Деталите за автономијата и батеријата засега не се познати, а на пазарот се очекува на почетокот од следната година.
Seat уште минатата година го претстави eXS KickScooter, производ во соработка со Segway. Максималната брзина е до 25 km/h, додека со едно полнење на батеријата може да се вози до 25 километри. Цената е далеку подостапна во однос на конкуренцијата, односно може да се купи за околу 600 евра. Тежи 12 килограми, а на батеријата и се потребни околу 3 часа за целосно полнење на батеријата.
Покрај електричните ромобили, некои компании како Ford, Peugeot и GM претставија електрични велосипеди, додека Фолксваген претстави интересни хибридни уреди, комбинација на е-велосипед и тротинет.