Скандалот со дизел моторите на Volkswagen во САД од 2015 година доби неочекувано продолжение во Франција, откако судот во Париз покрена истрага против неколку производители. 

Renault и официјално е обвинет за измама на своите клиенти за нивото на штетни емисии од дизел моторите по судската истрага започната уште во 2017 година. Според истражителите, производителот инсталирал софтвер во своите дизел модели, заради манипулирање со податоците. Засегнати се сите дизел погонски единици со Euro 5 (2009-2011) и Euro-6B (2013-2017) стандард.

Како одговор на обвинувањата, Renault призна дека нивните дизел возила произведуваат повеќе емисии во реални услови отколку во лабораториските тестови. Сепак, компанијата е категорична дека тоа не се должи на „уреди за измама“, а автомобилите на марката се во согласност со сите регулативи во Франција и во Европа.

„Renault не се обидува да измами никого. Она што му се случи на Volkswagen не е исто во случајот со Renault. Немаме софтвер за манипулирање и никогаш не сме имале“, изјави Жил Ле Борн, главен инженер на компанијата.

Според него, разликите во вредностите објавени од производителот и оние утврдени во реални услови се резултат на начините за мерење на штетните емисии. Со стариот стандард NEDC, разликите нема да бидат исти како и со новиот.

Од францускиот производител велат дека сега ќе мора да платат гаранција од 20 милиони на судските власти, а освен тоа ќе треба да обезбедат гаранција за уште 60 милиони евра, што ќе бидат наменети за покривање на трошоците за потенцијална штета, казни, надомест на штета за загуби и други давачки.

По Renault, за измама обвинет и Peugeot и Volkswagen

Интересно, по Renault, сега за измама на француските потрошувачи за нивото на штетни емисии од автомобилите произведени по 2009 година, се гони и Peugeot, дел од новата групација Stellantis. Производителот е обвинет за измама на клиенти во Франција на кои им продавал дизел автомобили со еколошкиот стандард Euro 5 во периодот од 2009 до 2015 година.

Peugeot сега треба да плати депозит од 10 милиони евра на властите (8 милиони евра за плаќање на потенцијална штета и штета, како и 2 милиони долари кауција во судот). Покрај тоа, компанијата ќе мора да обезбеди банкарска гаранција од 30 милиони евра, наменета за покривање на потенцијалните штети.

Можно е да бидат обвинети уште две марки од новата алијанса – Citroen и Fiat. Stellantis веќе потврди дека се води истрага против Peugeot, како и против Citroen и FCA Италија.

Што се однесува до Volkswagen, неговата француска „дизел-порта“ се отвори на 6 мај, а пред само неколку дена стана јасно дека компанијата мора да плати депозит од 10 милиони евра и да обезбеди гаранција од 60 милиони евра за евентуална штета.

Германскиот производител веќе објави дека она што се случува во Франција е нешто како продолжување на судските постапки, кои завршија во Германија во 2018 година и пред Европскиот суд 2 години подоцна. Затоа, Volkswagen смета дека не може да има втора одлука за истите обвиненија и тоа треба да биде забрането.