Volkswagen вети дека ќе го отстрани софтверот со чија помош се штелуваат резултатите за емисии на штетни гасови од сите свои автомобили во земјите на ЕУ до есента 2017 година, но тоа не се случи

Се проценува дека од 8,5 милиони возила со овој софтвер кој е причината за аферата Dieselgate, уште два милиони сеуште се на патиштата ширум Европа без ажуриран систем.

Повеќето од овие возила се наоѓаат во Источна Европа. Според анализите, повеќе од 90% од сопствениците на VW автомобили во Германија веќе биле во авторизиран сервис и го ажурирале системот, но затоа, на пример, во Романија тоа го имаат направено, само 30%. Нешто „поуспешни“ се Полска (37%), Словачка (39%), Хрватска (46% ) и Грција (46%).

Нема резултати од останатите балкански земји, Унгарија, Ирска, Латвија и Словенија каде што се проценува дека има околу 1 милион возила.

Европската комисија нема одговор на ваквата голема разлика помеѓу истокот и западот, но според последните извештаи за доверба на потрошувачите, очигледен е недостатокот на доверба во трговци во повеќето земји во источниот дел на континентот.

„Ова се загрижувачки откритија“, вели Гербен Јан Гербранди, член на ЕК од Холандија.

Проблемот е што отповикувањето на возилата не е обврзувачко во сите земји. Уште поинтересно е тоа што во некои земји каде што е доброволно, одзивот е подобар од оние во кои е задолжително.

„Треба да воведеме задолжителен отповик во сите земји-членки. Не само за софтверот, туку и за хардверот, ако навистина сакаме почисти возила на патиштата кои ги исполнуваат правните стандарди“, додава Гербранди.

Покрај тоа, нема ни соодветни потврди дека „поправката“ на овој „проблем“ помага за помало загадување. Поостојат извештаи кои тврдат дека возилата со ажуриран софтвер се уште ја загадуваат животната средина.

Исто така, има и значителни разлики помеѓу сопствениците на разни под-брендови во рамките на групата – VW, Audi, Škoda и Seat.