Двократниот светски шампион Фернандо Алонсо следната сезона ќе се врати во Formula 1 како возач на Renault, пренесува BBC

Шпанскиот возач наводно веќе има потпишано договор, а потврдата треба да пристигне наскоро, велат изворите на британскиот јавен сервис.

Алонсо на тој начин ќе се врати во шампионатот по двегодишна пауза, во тимот со кој ги освои своите две титули – во 2005 и 2006 година. Шпанецот, од друга страна, возеше за францускиот тим во два наврати во текот на својата кариера, а ги бранеше и боите на Minardi, McLaren и Ferrari.

Искусниот Шпанец на крајот од овој месец ќе наполни 39 години, а оваа сезона негова главна активност е учество во на Индијанаполис 500 во август со McLaren. Алонсо повторно ќе се обиде да стане само вториот возач кој успеал да триумфира на трите најголеми трки во мотоспортот, ГН на Монако, 24 часа Ле Манс и Индијанаполис 500. Единствениот возач на кој досега му успеало да го стори тоа е легендарниот Британец Греам Хил.

За време на неговата кариера во Formula 1, Алонсо има остварено 32 победи на 314 трки, а уште 65 пати бил на подиумот. Вкупно 22 пати ја има освоено пол-позицијата, освојувајќи 1.899 поени.

Од напуштањето на Formula 1, Алонсо возеше во Светскиот шампионат на издржливост, во кој ја освои титулата со Toyota. Зад воланот на Toyota, заедно со Себастијан Буеми и Казуки Накаџима, има два триумфа на 24 часа на Ле Ман (првиот пат возејќи паралелно и во Formula 1 шампионатот). На почетокот од оваа година свое деби имаше и на релито Дакар на кое го освои 13-то место во генералниот пласман.