Една од бенефициите на Tesla е тоа што вработените добиваат дел од својата плата во акции, а со оглед на големото зголемување на цената на акциите, се зголемува и бројот на милионери во компанијата

Во текот на октомври минатата година, цената на акција на Tesla беше околу 250 американски долари, а потоа се случи голем пораст на кој дури и оптимист како Илон Маск веројатно не се надевал, а кој не го запре ниту пандемија која ја парализираше светската економија. Денес, цената на една акција е повеќе од 1.300 американски долари, така што за околу 10 месеци цената е зголемена за повеќе од илјада долари, а пазарната вредност на компанијата сега е повеќе од 250 милијарди американски долари.

Ваквиот брз раст на вредноста ги воодушеви инвеститорите, но и вработените во компанијата, затоа што, како што е наведено од „Electrek, Tesla нуди и пакети за компензација кои вклучуваат акции за сите вработени во рамките на организацијата, што е реткост во автомобилската индустрија. Благодарение на тоа, многу вработени станаа „Tesla милионери“ и тоа за многу кратко време. Милионерите (можеби и мултимилионери) станаа директори, менаџери и други лица на високи позиции, но и оние на пониски позиции иако кај нив „богатството“ се мери во десетици или стотици илјади долари.

Секако најголем профит има најголемиот акционер, Илон Маск, но и неговиот брат Кимбал, кој е во одборот на Tesla и кој, благодарение на успехот на компанијата, сега тежи околу 175 милиони долари.