Повеќе од 300.000 автомобили на Volkswagen „скапуваат“ низ САД поради аферата Dieselgate

Откако беше откриено дека германскиот автомобилски гигант користи илегален софтвер, со цел да поминување на тестовите за емисии на штетни гасови, VW плати цех од речиси 30 милијарди долари ширум светот.

Како дел од спогодбата, сопствениците на возилата на VW имаа три опции: да ги модифицираат своите VW автомобили со цел исполување на барањата за емисиите, да го откажат лизингот или едноставно возилото да го продадат назад на компанијата за однапред договорен износ на пари.

Повеќето од сопственици ја искористиле третата опција, па затоа VW потрошил околу седум милијарди долари за откуп на околу 335.000 возила од вкупно 475.000 погодени со аферата.

Од тој број, на VW му е дозволено повторно да продаде околу 13.000 единици, додека околу 28.000 се уништени. Така, ширум САД сега паркирано стојат околу 295.000 возила.

Од паркинзи, преку пустини и напуштени магацини, до цели стадиони, VW го користи речиси секој празен простор за „одложување“ на овие возила, а според шпекулациите во САД има 37 вакви објекти.

Иако најголем дел од објектите се осигурани, сепак тоа не ги спречува крадците да ги искористат „предностите“ на овој проблем и од возилата на Volkswagen да крадат што ќе стигнат, често и цел автомобил. Сепак, бидејќи овие возила не можат легално да се возат во САД, главно завршуваат надвор од земјата.

Нема точни информации за тоа што планираат Германците со овие „отфрлени“ возила во наредните месеци, иако портпаролот на компанијата велие дека тие се одржуваат редовно, со цел да се задржи долгорочниот квалитет и употребливоста.

Кога ќе ги добие сите соодветни дозволи од властите на САД, VW ќе ги уништи, сервисира или извезе овие возила во земји во кои ги исполнуваат законските барања.