Автомобилите со голема серија се посигурни од луксузните автомобили
Според најновото истражување за сигурноста на автомобилите спроведено од страна на J.D. Power, за прв пат во историјата „конфекцијата“ е пред премиумот
Токму тоа го потврдува најновата студија на J.D. Power кој уште еднаш ја проверил сигурноста во автомобилите на американскиот пазар преку студијата Vehicle Dependability Study (VDS). Станува збор за анкета која континуирано се спроведува 30 години, а која ги класифицира индивидуалните модели и брендови според бројот на пријавени дефекти на 100 автомобили, и тоа кај сопственици на автомобили стари три години. Притоа, можно е да се детектираат вкупно 177 можни проблеми групирани во 8 категории.
Според последната студија, бренд со најмалку пријавени дефекти е Lexus (106), следен од Porsche и Toyota со ист број пријавени дефекти – 108. Toyota воедно е најдобро рангираната големосериска марка. На четвртото место е Chevrolet, а Buick ја затвора Топ 5 групата.
Марките кои произведуваат големи серии на автомобили пријавиле во просек 136 дефекти на 100 автомобили, додека луксузните 141. Просекот во индустријата за оваа година изнесува 136 пријавени дефекти.
Во споредба со минатата година, сигурноста во автомобилите е подобрена за 4%, што значи дека во автомобилите можеме да бидеме посигурни како никогаш досега. Притоа, најслабата точка во автомобилите најчесто се акумулаторите (батериите), менувачите и инфо-забавниот систем, се вели во соопштението од J.D. Power.
Најголем напредок споредбено со претходната година има Chrysler, чии автомобили, сега имаат во просек 65 помалку пријавени дефекти на 100 примероци. Голем скок имаат и Mini и Subaru, а напредок имаат и сите германски брендови. Притоа Porsche 911 е моделот во кој сопствениците се најсигурни.
Интересно е дека General Motors дури во пет категории има најсигурни модели. Следи Toyota. Најголеми губитници или брендови со статус на најнесигурни автомобили во САД се Volvo, Land Rover и Fiat.
Годинешното издание на студијата се заснова на одговорите на 32.952 сопственици на автомобили произведени во 2016 година, кои се воедно први и единствени сопственици. Студијата е спроведена во текот на последниот квартал од минатата година.