Можеби некој ќе рече дека е добро што овој тркачки викенд конечно заврши и дека навистина никому нема да му недостасува. Експлозии, ракети, тешки судири и црвени знамиња го одбележаа овој викенд во Formula 1 во Саудиска Арабија 

Сепак зад нас е уште една спектакуларна трка во Formula 1. Aктуелниот светски шампион го престигна Леклер на три круга пред крајот и го зазеде највисокото место на подиумот

Ако денот се познава по утрото, пред нас е една од можеби највозбудливите сезони на „најбрзиот циркус“. По спектакуларното финале во Бахреин пред една недела, во кое победи Шарл Леклер, а Ferrari дојде до „двоен триумф“, во Саудиска Арабија, на патеката во Џеда, гледавме подеднакво драматични сцени и нов пресврт во самиот крај на трката – на крајот победа na актуелниот светски шампион Макс Верстапен!

Холанѓанецот на три круга пред крајот го престигна тогаш водечкиот Леклер и ја заврши трката прв, само половина секунда пред ривалот, што само покажува за каков дуел станува збор.

Ова беше прва победа на предводникот на Red Bull оваа сезона, a 21-ва во неговата кариера.

Потсетуваме, минатиот викенд во Бахреин и Верстапен и Перез доживеаја вистински дебакл, завршувајќи ја трката во последните кругови поради дефекти на болидите, а подоцна утврдено поради дефект во снабдувањето со гориво.

Возачот на Scuderia, Карлос Саинз го освои третото место во Саудиска Арабија, додека адутот на Red Bull, Серхио Перез беше четврти.

Така и овојпат главниот збор го имаа Red Bull и Ferrari и се чини дека така ќе биде и во продолжението од сезоната, барем во првите неколку трки, додека Mercedes и овојпат беше надвор од конкуренција за подиумот. Расел го зазеде петтото место, а Луис Хамилтон само десеттото.

„Денеска не беше лесно, но, Боже мој, навистина уживав во трката! Беше тешко, но и фер, чесно и секоја трка треба да биде ваква. Беше забавно, но и јас сум разочаран бидејќи сакав да победам денеска“, изјави Леклер веднаш по трката.

Одлуката за победникот беше донесена на четири круга пред крајот.

Тогаш Верстапен ја искористи втората шанса што му се укажа да го претекне Леклер и тоа го направи во манир на светски шампион.  

Важен детал од трката беше инцидентот во 16. круг, кога Николас Латифи удри во заштитниот ѕид по што на патеката излезе безбедносното возило, а Леклер го презеде водството од Серхио Перез, кој слободно може да се каже дека најголемиот губитник на трката. Стартуваше прв и се до инцидентот на Латифи ја предводеше трката. На замена на гумите замина само неколку моменти порано од инцидентот, за разлика од сите други. 

По рестартот на трката, Леклер водеше речиси до самиот крај, но цело време во „ретровизорот“ го имаше Верстапен на кого упорноста му се исплатеше – со престигнување на лидерот и минување низ целта пред сите.

Треба да се одбележи и откажувањето на Рикиардо (McLaren), Алонсо (Alpine) и Ботас (Alfa Romeo) поради проблеми со болидите.

2022 Saudi Arabian Grand Prix / РЕЗУЛТАТИ

2022 Saudi Arabian Grand Prix / RACE HIGHLIGHTS

2022 Saudi Arabian Grand Prix / РЕКОА ПО ТРКАТА