Иако продажбата на нови автомобили опаѓа, уделот на електрифицирани возила драстично се зголемува

Со зголемувањето на цените на енергијата и сè побогатата понуда, европските клиенти брзо се свртуваат кон електрифицирани возила. Според податоците објавени од JATO Dynamic, продажбата на електрифицирани возила бележи драстичен раст.

Под поимот електрифицирани возила, станува збор за сегментот на електрични и plug-in хибридни возила, кои во февруари постигнале пазарен удел од дури 20%. Значително поголем раст забележале електричните возила, дури 77%, додека продажбата на plug-in хибриди се зголемила за само 6%.

Најпопуларни се теренците со удел од дури 51%, додека апсолутен лидер на пазарот на електрични возила е Tesla со удел од 18,1%, пред Volkswagen и Hyundai.

Ако се погледне глобалниот пазар од 26 европски земји, продажбата паднала за 5,4% на 794.576 примероци поради проблеми со испораката, што е најлош резултат во последните 40 години.

Во понудата на „обични“ автомобили европски број 1 повторно е VW Golf, но со пад на продажбата во однос на лани. Истото важи и за повеќето други модели во топ 10. Кога станува збор за пазарните иновации, одлични резултати постигнале Renault Megane Conquest, Hyundai Ioniq 5 (и Kia EV6) и адутите на Volkswagen ID.4 и Taigo.

Во сегментот на plug-in хибридни возила, најпопуларни теренци се Peugeot 3008 и Ford Kuga, а по нив следи BMW Серија 3. Најпродавани електрични модели се Tesla Model 3 и Tesla Model Y, а потоа многу успешниот Fiat 500e .