Volkswagen ја разгледува иднината на Bugatti, Lamborghini, Ducati…
Групата VW на следниот состанок на Директорите и Управниот одбор во ноември сериозно ќе разговара за иднината на неколку брендови од своето големо портфолио
Според германските медиуми, најмногу ќе се зборува за Bugatti, Ducati и Lamborghini – брендови посветени на возила со високи перформанси, што е всушност и најголемиот проблем. Во Групата Volkswagen не се сигурни дека покрај огромните трошоци во моментов во врска со електрификацијата на останатите брендови, може да се „изнесе“ и дополнителен финансиски товар кој ќе бара инвестиции во создавање нови платформи специјално за возила со високи перформанси.
Наводно, Volkswagen е отворен за разни предлози, од партнерства со други компании за овие брендови, можност за преструктуирање на споменатите производители, до, секако за продажба. Како потсетување, веќе се појави вест дека Volkswagen е подготвен да му го предаде Bugatti во владение на Rimac Automobili во замена за поголем удел во хрватската компанија.
Извршниот директор на групацијата Volkswagen, Херберт Дис, веќе долго време преку медиумите „лобира“ за оддалечување од автомобилите со високи перформанси и SUS мотори во корист на електрификацијата, односно да се ослободат пари за понатамошни инвестиции во возилата со батерии.
Во интервју за Reuters, Дис рече дека има простор за маневар и дека секоја марка мора да го најде своето место во новите услови на пазарот.
„Брендовите мора да се ценат според новите стандарди – електрификација, достигнување, дигитализација и поврзување“, вели првиот човек на Volkswagen.
Покрај огромните инвестиции во електрификација, на германскиот гигант му се потребни пари и за понатамошен развој на технологијата за автономно возење, како и за нови услуги поврзани со градската мобилност. Сето ова става голем прашалник за иднината на производителите кои продаваат мал број возила годишно.
Така, на пример, во 2019 година, Bugatti продал 82 автомобили, Lamborghini 4.554, додека Ducati испорачал повеќе од 53.000 мотоцикли. Иако, според официјалните податоци на VW, сите овие брендови се профитабилни, останува прашањето колку долго ќе останат така.
Херберт Дис сака целосна транзиција кон EV технологии. Се разбира, невозможно е да се направи тоа веднаш и не за сите брендови во самата група, но Дис е убеден дека електричните автомобили можат да и помогнат на групацијата Volkswagen да достигне вредност од 200 милијарди евра до 2025 година. Оваа бројка најдобро зборува за каков скок станува збор – проценката е дека групата VW денес вреди 78 милијарди евра.
Експертите наведуваат дека групата VW е помалку ефикасна од големиот конкурент Toyota, а има и поголеми трошоци. На пример, на крајот од 2019 година, германскиот автомобилски гигант имал повеќе од 671.000 вработени, а јапонската компанија само 359.000.
Експертите посочуваат дека најголем проблем со продажбата на брендови од големото портфолио на Volkswagen ќе бидат моќните синдикати чии лидери седат во Надзорниот одбор. Синдикалните лидери нема да дозволат „отуѓување“ на кој било дел од групата освен ако не видат директна корист за работната сила во блиска иднина.
Како и да е, во групацијата Volkswagen сигурно ќе дувнат ветришта на промени во блиска иднина.