И покрај тешката состојба во Европа, некои производители сепак имаат причина да слават

Во првите осум месеци од оваа година, Kia успеала да достигне удел од 3,6% на европскиот пазар на нови автомобили, што е рекорд за оваа јужнокорејска марка.

Менаџментот на корејската марка е убеден дека тие ќе продолжат да го зголемуваат своето учество и во наредниот период и главниот двигател на промените го гледаат во својот асортиман на електрифицирани модели. Секој четврти автомобил што Kia го продала во Европа во претходните осум месеци бил електрифициран.

Во периодот од јануари до август, овој производител испорачал 68.611 електрифицирани возила на Стариот континент. Особено е важно да се истакне дека тие успеале да продадат 20.649 електрични автомобили во овој период, што е далеку подобар резултат од претходната година кога компанијата испорачала помалку од 10.000 возила.

Во Kia се особено задоволни од продажбата на електричните изданија на моделите Soul и Niro. Овие верзии забележале зголемување на новите регистрации за повеќе од 200%.

Kia верува дека моделите на батерии, каде се вклучени plug-in хибридите и класичните EV возила, ќе донесат уште поголема продажба во иднина. Неодамна, овој производител објави дека ќе има дури 11 електрични автомобили во своето портфолио до 2025 година, со тоа што ќе лансира седум целосно нови EV модели до 2027 година.